Што би зборувала Царовска со 6-те највлијателни македонски научници?

Во општата разочараност наметната од политиката во Македонија деновиве имаше и една навистина убава вест. Шестмина македонски научници повторно се рангирани меѓу 2 проценти на највлијателни светски научници. Браво, реагираше јавноста во земјава.

На завидниот светски научен трон, познатиот американски универзитет Станфорд, ги поставил научните достигнувања на нашите Љупчо Коцарев (МАНУ), Леонид Грчев (МАНУ), Валентин Мирчески (Институт за Хемија, ПМФ, УКИМ, Скопје), Рубин Гулабоски (Факултет за медицински науки, УГД Штип) и двајца пензионирани професори, Трајче Стафилов (Институт за Хемија, ПМФ, УКИМ, Скопје) и Иван Грозданов (Институт за Хемија, ПМФ, Скопје). 

Признанието е големо, посебно кога се знае во какви тешки услови и со колку малку средства работат македонски научници. А со какво признание и чест тие шестмина ќе бидат удостоени во наредниот период останува да се види.

Лани во декември, на пример, министерката за образование Мила Царовска организира работен состанок со дел од овие научници. Некои од нив, како на пример, Иван Грозданов одбија да дојдат.

– Не, благодарам, не одам на свечен прием кај министерката. Сите мои влијателни научни трудови се извршени во друга земја, со нивна логистичка и финансиска поддршка. Овде ниту имав услови, ниту поддршка. Оттаму, не гледам зошто министерката за образование и наука би се гордеела, барем во мојот случај. Попрво треба срам да ја фати. Пред неколку месеци ѝ пишав на министерката во врска со некои образовни прашања – не бев удостоен ни со одговор. Токму оваа министерка турка закони и образование во насока на уривање на јавниот општествен морал – нешто, што допрва ќе го почувствуваме, напиша тогаш во својата објава професорот Грозданов.

Токму по ова декемвриска средба на која со присутните беше зборувано и заеднички да се работи на унапредувањето на науката во Македонија се случија најави за реформи во образование кои најдоа на отпори во јавноста. Меѓу оние кои категорично застанаа против концептот на Царовска беше и првиот академик Љупчо Коцарев кој и оваа година е во врвот на светската наука.

-Целта на новата концепција која што ја нуди МОН и министерката Мила Царовска за спојување на предметот историја со предметот географија всушност има единствена цел, а тоа е да се избрише предметот историја од наставните програми во основното образование, реагира тогаш Коцарев кој потоа ја обвини министерката и дека планира и да ги укине факултетските катедри по македонскиот јазик и македонската книжевност.

По сето ова, сега останува да се види дали Царовска повторно ќе ги покани највлијателните научници и за што би се зборувало на средбата. Дали за неуспешната реформа во образованието или за лошите услови во кои работи македонската наука?

Претходна вестЗошто Филипче веќе ги подзаборава маските, држењето дистанца…?
Следна вестДел од „Ацо Караманов“ без вода