Зошто Филипче веќе ги подзаборава маските, држењето дистанца…?

Замислата на министерот Филипче за задолжителна вакцинација или тест не постар од 3 дена и тоа на трошок на вработените во јавниот сектор во Maкедонија ја крена на нозе јавноста. Мерката е противуставна и го укинува правото на слобода при избор – реагираат синдикати, граѓани…

За во понеделник е најавена седницата на Главниот координативен кризен штаб на која ова важно тело ќе се произнесе за предлогот. Дали Штабот ќе ги прифати предлозите на Комисијата за заразни болести останува да се види. Најголемите синдикати во Македонија веќе најавуваат и протести во случај мерките да бидат прифатени бидејќи сметаат дека се работи за неуставни одлуки. 

Прашањето кое сега се поставува е зошто надлежните државни органи во овој момент посегнуваат по такво условување на граѓаните? Никој не спори дека е потребно сите да се бориме против ширењето на вирусот. Но, она што е дискутабилно е прашањето зошто во сето ова сега се апострофираат вакцините како речиси единствено средство за справување со пандемијата? Веќе е познато, а тоа го потврдуваат и анализите, дека и вакцинираните се инфицираат, а за жал и не е мал бројот на оние кои тешко ја пребродуваат болеста. Има и смртни случаи за кои самото министерство даваше податоци.

Зошто, на пример, се заборави на форсирањето на заштитата преку носењето на маски, преку држење на дистанца од два метра…? Вакви препораки за овие три основни превентивни мерки кон крајот на минатата година интензивно се упатуваа до граѓаните, токму од министерот за здравство Венко Филипче.

– Маска, дистанца, дезинфекција. Толку е твитот, напиша лани Филипче во објавата на социјалната мрежа Твитер.

Овие мерки се основно „оружје“ во борбата против ширењето на опасниот вирус, тврдеа од Комисијата. Лигично е сега тие мерки да не се забораваат нели? Со маска невакциниран на работно место или во шопинг-мол е опасен за околината или не? Порано се кажуваше дека не е.

Оттаму, надлежните до понеделник треба сериозно да размислат и да образложат зошто сега предлагаат едни мерки (и тоа драконски), а други кои беа од нив предлагани сега се на страна. Да, вирусот треба и мора да се запре, но пожелно е борбата да биде сеопфатна, логична и добро објаснета. Со тоа и вакцинацијата ќе биде само дел од начините на справувањето, но нема да се поставува како уцена кон граѓаните. Правото на избор мора да го има секој граѓанин.

Претходна вестДесет години тапкајќи во место се повеќе потонуваме
Следна вестШто би зборувала Царовска со 6-те највлијателни македонски научници?