Што донесе Пендаровски од патувањето во Брисел?

Македонскиот претседател Стево Пендаровски по подолга пауза патуваше во странство. Беше во Брисел. Тој таму се сретна со званичници на ЕУ, а разговараше и со функционери на НАТО. Што донесе во торбата Пендаровски од ова патување? Дали од Брисел се враќа со конкретни проекти, финансиска поддршка, датум за датумот… или, пак, доби само задолженија и тешка домашна задача?  

По средбата со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, од кабинетот на Пендаровски соопштија дека се разговарало за европската интеграција на Македонија, за можноста за одржување на прва меѓувладина конференција, за процесот на проширување на Европската Унија, како и за актуелните предизвици во регионот, во контекст на пандемијата на Ковид-19.  

Делува како ништо конкретно што може да се стави и да се види од торбата. Дали ќе почнат преговори за членство годинава, односно во јуни? Наместо Пендаровски на ова одговор даде вицепремиерот Никола Димитров:  

– Нема гаранции, да бидеме реални. Не сакам ни надежта којзнае колку да ја поткревам. Мое е да го кревам влогот и да бидам што е можно поискрен и дома и надвор, рече денес Димитров.  

Значи ли тоа дека од Брисел му ја наполниле торбата со барања за удвојување на реформите, особено во борбата со корупцијата, па за засилување на дијалотог со Бугарија, па за… ? Имал ли претседателот нешто да извади од торбата и да даде во ЕУ како готов проект, барање, очекување, забелешка…? 

Пендаровски во седиштето на НАТО се сретна со генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг при што тој истакна дека земјата е веќе една година во членство и таа е ценет сојузник.  

Македонија стои зад НАТО, а НАТО зад Македонија подвлече Столтенберг.  

-НАТО ја покажа својата солидарност во време на ковид кризата со тоа што испрати финансика помош, вентилатори, полска болница и друга медицинска помош. Ова е доказ на солидарноста на НАТО, истакна генералниот секретар на Алијансата.  

И така, Пендаровски се врати во Македонија.

Од друга страна, и српскиот претседател Александар Вучиќ речиси во исто време беше во Брисел. Српските медиуми објавија дека ЕУ ќе го финансира проектот за брза железница од Белград преку Ниш до границата со Македонија во износ од 700 милиони евра.

Инаку, во Брисел Пендаровски се сретна со претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли ((на фотографијата), со потпретседателот на Европската Комисија и Висок претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Жозеп Борел, со Комесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, со Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак, како и со европратеникот и известител за нашата земја, Илхан Ќучук.  

 

Претходна вестКонфедерација на слободни синдикати ќе протестира виртуелно – утре ќе видиме како изгледа тоа
Следна вестСе чистеа две огромни депонии среде Чаир: Не може толку да се исчисти, колку што може несовесно да се фрли