Што ќе одлучи судот? Ќе одговори ли позитивно на барањето на Бојан Јовановски – Боки 13 за иземање на обвинителката Вилма Русковска, откако Боки 13 во судница кажа дека преку СМС пораки, шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, го информирала кого ќе апси и му барала камера за снимање на апсењето?
Во Кривичниот законик е предвидена казна затвор ако се докаже дека тоа што го говори Јовановски е вистина.
-Тој што во вршењето на службата малтретира друг, го застрашува, го навредува или воопшто спрема него постапува на начин со кој се понижува човечкото достоинство и човековата личност, ќе се казни со затвор од една до пет години, се вели во член 143 од КЗ.
Откако Јовановски ги спомена СМС пораките, Русковска само кажа дека било каков доказ што го поседува Боки треба да го предаде во Обвинителството.
-Ако има докази дека сум постапувала спротивно на закон, нека ги достави до Јовески, му порача Русковска.