Во последно време многу често во Македонија се слуша зборот – скрининг. Најчесто го користат министрите кои пропратно не испуштаат шанса да се пофалат дека ете сегашната власт дошла до фазата да започнел скринингот околу започнувањето на преговорите со ЕУ за зачленување на нашата земја во оваа Унијата. А која беше цената за да почне скринингот, не се споменува.
Еве и денеска скринингот е тема. Имено, во Брисел започнува билатералниот скрининг за Поглавјето 5, „Јавни набавки“. Заменик претседателот на Владата Бојан Маричиќ, ќе го предводи македонскиот преговарачки тим, а ќе има и претставници од министерството за финансии.
Се очекува членовите на Работната група за Поглавје 5, на билатералниот скрининг состанок, да им ја претстават на експертите од Европската комисија македонската законодавна рамка и нивото на усогласеност со правото на ЕУ во ова поглавје од преговарачкиот процес.
Околу законите јасно е – тие се горе-долу слични со оние на ЕУ, но што Маричиќ ќе одговори ако го прашаат во Брисел како властите ги спроведуваат јавните набавки во Македонија? Има ли често злоупотреби при постапката на јавен повик, при доделување на договор за јавна набавка или при јавно-приватно партнерство? Се расчистуваат ли тие злоупотреби кривично?
Инаку, според календарот на Европската комисија скрининг-процесот за Македонија предвиден е да трае до крајот на ноември 2023 година. До тогаш Маричиќ ќе треба да одговори на многу прашања во Брисел, а секако и на македонската јавност која има многу прашања…