Што не е добродојдено кај министерката Царовска?

Колумна на Наташа Котлар-Трајкова:

Една стара мудрост вели: „лесно им е на паметните да се образуваат, ама тешко им е на образованите да станат паметни“! Одвај измина месец и половина од највената реформа во основното образованиена МОН олицетворено во ликот и делото на министерката Мила Царовска, социолог по вокација и потврден работен акробат во повеќе дејности на политичката сцена. Но, реакцијата на компетентните, стручните, искусните и учените на предложениот концепт е брза, конкретна и се карактеризира со голем број на забелешки и противење. Особено, неприфатливи се избрзаните и недоволно обмислените педагошки, дидактички и методолошки решенија, како и предложеното спојување на одредени природни и хуманистички предмети.

Современата наука упатува на посебно изучување на секоја научна дисциплина, а во нашиот случај особено е потребно систематското и темелно изучување на македонскиот јазик и на македонската историја. Затоа и веднаш реагираа најповиканите – Претседателството на МАНУ и нејзиниот претседател, Сенатот на УКИМ,  професорите од Филозофскот факултет (повеќе негови катедри) и од Природно-математичкиот факултет, вработените во научните институти за јазик и за национална историја, стручни здруженија.

Но, сето ова реагирање не е добродојдено во кабинетот на МОН. Така, споменатава министерка се друшка и се состанува со оние кои и не се најмеродавни за споменатава тема – одредени наставници од некое училиште во периферијата, неколкумина директори и градоначалници, со некакви чудни претставници на уште почудни (не)владини здруженија, двајца-тројца академици по неслучаен избор и сл. Заедничкиот содржател на споменативе е што тие изразуват пред сè личен став – не институционален, не национален, не јавен, не државен. Потоа, нивната припадност кон владеачката партија или пак нивната наклонетост со срце и со душа кон нејзините (не)разумни политики, а за тоа имаат силен мотив.

Сето ова е за да се создаде привид од општо прифаќање на „Концепцијата“ и небаре сите ние ничкум паѓаме од нејзината авангардност! Оваа реформа во образованието, ќе има успех, само тогаш, кога државата ќе биде одделена од партијата, односно партиите. Затоа во моментов не може да помине паметното, стручното и компетентното! На крајот уште една мудрост: „Од ученоста до образованието има само еден чекор, а од образованието до ученоста – бездна!“

Претходна вестUnited Group постигна договор за преземање на најголемата бугарска компанија за весници Vestnik Telegraf
Следна вестНема место за паника: Појавата на британската мутација кај нас не е изненадување