Што одлучи Пендаровски, ќе се кандидира за претседател или ќе се исели од Македонија?

Претседателските избори во Македонија се речиси пред прагот. Календарот покажува дека првиот изборен круг би требало да се случи во периодот од 14 март до 21 април. Тоа значи дека пријавувањето на кандидатите, исполнувањето на условите, водењето на кампањата… ќе се случуваат уште и порано.

Но, претседателските кандидати уште не се знаат. Засега само познатиот инфектолог Вело Марковски истакна дека е со намера да учествува во претседателската трка. Останатите тактизираат или уште си ги мерат рејзтинзите, силите…?

Молчи и категорично не се изјаснува ниту актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски иако во светската пракса одамна станало правило носителот на највисоката функција во државата да каже какви му се плановите кога мандатот му се наближува кон крајот. Но, тој е без јасен одговор на дилемата – ќе се обиде ли да стане повторно претседател на Македонија?

-Потребно ми е да имам поддршка од партиите кои застанаа зад мојата кандидатура на претходните избори, но еднакво значајна ми е и поддршката од оние граѓани кои не се членови на политички партии, од лицата кои се неопределени или кои ретко излегуваат на гласање, или пак сметаат дека сите политичари се исти и нивниот глас нема да направи разлика. Оценката за мојот мандат треба да ја дадат граѓаните и затоа покрај партиската поддршка, важна ми е и оценката од граѓаните, изјави пред извесно време Пендаровски.

А таму, и кај партиите и кај граѓаните, ставот кон Пендаровски е индикативен. Од СДСМ и од нивните коалициски партнери уште нема категорични изјави дека тој ќе им биде кандидат. Лидерот и премиерот Димитар Ковачевски неодамна, врзано за шпекулациите дека Зоран Заев би можел да им биде претседателски кандидат само изјави дека „секој може да се пријави во рамките на партиските процедури“. А тоа, очигледно, важи и за Пендаровски.

Од друга страна, во партиските редови веќе се гледа дека актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски води лична интензивна кампања, која можеби е со цел да ја добие партиската кандидатура за шеф на државата. Се споменува и името на Радмила Шеќеринска, но и на други…, што значи дека владечаката партија уште не е на чисто со Пендаровски.

А граѓаните, пак, во анкетите, пак, со различен однос кон Пендаровски. Неодамнешното истражување на јавното мислење соопштени деновиве, направено од Институтот за истражување на политики и добро владеење –Цивика мобилитас, покажа дека Пендаровски, со рејтингот од 6,1 процент. Но, на почетокот на годинава анкетите коишто ги објавуваше порталот МКД.мк покажуваа катастрофален рејтинг и доверба кај граѓаните од само 0,3 и 0,2 проценти…

Како и да е, време е претседателот на државата да се изјасни какви му се идните планови. По толку години поминати на функција, по честите изјави дека работи за граѓаните, треба веќе да е на чисто дали заслужува да влезе во претседателската трка, односно, дали ја има поддршката и на партиите и на граѓаните.

Останува и друга дилема околу Пендаровски – ако не учествува во претседателската трка можно ли е да следи и негово иселување од државата.

-Да не бев претседател и самиот би се иселил од мојата држава, истакна тој пред три години.

На кој ум е сега Претседателот?

Претходна вестЃорческа напредуваше 11 места на ВТА-листата
Следна вестБремени жени пиеле лек против мачнини, а раѓале деца без раце и нозе