Што понатаму со вака осмислениот и реализиран полициски час?

Граѓаните денеска се во исчекување на одлуката на надлежните органи за тоа дали и во наредниов период ќе има ограничување на движењето. Изутрината во 05 часот за Скопје и неколку други градови заврши 80-часовниот полициски час кој не беше целосно почитуван од страна на сите граѓани.

На социјалните мрежи и во медиумите се споделуваа фотографии и снимки од граѓаните кои излегуваа на улици и други јавни површини во периодот кога тоа беше забрането. На дел од снимките се забележуваше дека кршењето на полицискиот час се случува пред очите на полициските патроли кои не ги санкционираа прекршителите. Некои дури и си работеа градежни работи.

Сето тоа предизвикуваше револт кај оние граѓани кои уредно го почитуваа ограничувањето и цело време останаа затворени во своите домови. Во своите коментари тие прашуваа каква смисла има ваков полициски час кога не се почитува?

-Ако ние остануваме дома зошто се дозволува некои неодговорни граѓани да го кршат полицискиот час? И тоа во оние општини каде има најголемо ширење на корона вирусот. Тоа е сосема доволно вирусот пак да се шири. Другите граѓани си замина од Скопје во други центри и со што вирусот и таму може да се прошири. Залуден е ваков карантин, потенцираа граѓаните во своите коментари на социјални мрежи.

Иако беше најавено, Комисијата за заразни болеси вчера не се огласи со својот предлог за мерките во оваа недела. Сега се навестува дека предлогот може да следи денеска. За конечната одлука влијание сигурно ќе имаат и денешните податоци за бројот на новозаболените. Односно, дали тие и натаму ќе бидат над 100 инфицирани или ќе се случи опаѓање како што минатата недела најави министерот за здравство.    

Претходна вестМалку сонце, малку облаци, малку дожд
Следна вестИ Словенија ги отвори границите, ама за патниците од Македонија воведе 14 дневен карантин