EУ постојано ни кажува дека многу не сака и дека ни ги отвора вратите во Унијата. Ама кога ќе дојде датумот да ни го дадат датумот – ништо од датумот.
Еве последно е дека Македонија одново ќе добие блокада од Бугарија и нема да може да ги започне пристапните преговори за членство во ЕУ. Официјална Софија дури не ни чекаше за пет дена, на 14 декември, да започне заседанието на Советот за општи работи на ЕУ посветено и на проширувањето за да го каже непопустливиот став.
–Бугарија ќе се придржува до декларацијата на Народното Собрание од 10 октомври 2019 година во врска со проширувањето на ЕУ. За Бугарија, одлучувачки останува основниот принцип на сопствените заслуги на секој кандидат. Бугарија верува дека Албанија е подготвена за напредок на патот кон ЕУ, соопшти техничката влада во Софија.
Старо-ново одбивање доаѓа во екот на новото разгорување на надежите на македонската Влада дека ќе се дојде до договорот со кој ќе се крене бугарското вето. Ова е веќе кој знае кое во низа разочарување кое го дожувуваат актуелните македонски власти кои на секои неколку месеци соопштуваат дека надежите им се во „следното заседание на Советот за општи работи на ЕУ“…
Истовремено, токму и од функционерите на ЕУ постојано доаѓаа пораки како „многу не сакаат во ЕУ“, како се „работи напорно на решението“, како „местото на Западен Балкан е во Европа“… Така беше и на неодамнешниот самит меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан што се одржа во Словенија. И таму Македонија, како и останатите земји од регионот, добија слични пораки. Но, на крајот, самитот заврши без конкретно ветување за датумот на годината во која би можел да се случи приемот на Македонија и останатите пет земји од регионот. Практично, како што тоа потоа коментираа дел од европските медиуми, ЕУ призна дека целиот процес на проширување е заглавен.
Оттаму, прашање е што сега ќе прави ЕУ откако Софија однапред најави дека нема намера да ја тргне блокадата за Македонија? А со тоа дека дозволува почеток на преговорите со Албанија, официјална Софија оди дури и контра генералниот став на ЕУ да преговорите почнат истовремено со Македонија и Албанија. Официјална бриселска администрација мора да го каже својот став по ваквата бугарска категоричност.
Холандскиот премиер Марк Руте кој минатиот месец беше во посета на Скопје, (кога не се знаеше дали Заев ќе има мнозинство за да опстане Владата) ни кажа дека „не е точно дека Бугарија е оставена да прави што сака“ и дека колективно имаат многу преговори со софиските власти. Но, резултатите од тоа не се гледаат. Или може не е дојден датумот да се видат?