Што се случува во СДСМ, што сопартијците си напишаа едни на други?

Фамозното и контроверзно интервју на претседателот на СДСМ Зоран Заев не ги возбуди само граѓаните на Македонија, овој пат се возбудија и луѓето во самото СДСМ кои до сега беспоговорно оставаа Заев да си владее по негов план и начин. Има незадоволство. Се бара дури и вонреден конгрес. Владеачкиот СДСМ се чини е потресен од внатре.

Од вчера, голем број на партиски членови со јавни соопштенија почнаа да се дистанцираат или пак да му дават на поддршката на Заев за неговите ставови дека бугарската  фашистичка војска била администратор во Македонија, дека имаме заедничка историја со Бугарија, дека Југославија била причина за дистанцирањето на Македонија од Бугарија, дека…

Внатрепартиските конфронтации ги отвори поранешниот шеф на државата и долгогодишен лидер на СДСМ Бранко Црвенковски кој се огради од ставовите на Заев.

 – Повикувам под итно да се свика Централниот одбор на партијата и на таа седница да се донесе заклучок дека искажаните ставови на Заев не се ставови ниту на ЦО ниту на СДСМ во целина, објави Црвенковски.

На ова се надоврзаа и други поранешни функционери. Екс-министерката за надворешни работи од редовите на СДСМ Илинка Митрева побара да се одржи вонреден конгрес.

-Има простор за вонреден конгрес во СДСМ. Евроинтеграциите биле и ќе бидат наша трајна државна заложба, но не по цената што е спремен да ја плати премиерот. Време е Заев да се соочи со судот на јавноста, соопшти Митрева.

И поранешниот партиски потпретседател Зоран Јовановски реагира:

– Гледам ќе се казнувал говор на омраза против странски народи и држави. А, има ли казна за говор на омраза против сопствениот народ и држава?, прашува Јовановски.

Против Заев истапи и поранешен генерален секретар Андреј Петров како и поранешна пратеничка и претседателка на Форумот на жени на СДСМ, Софија Куновска.

-Оваа гарнитура продолжува со истиот идентитетски инженеринг, но во спротивната насока, трампајќи ги вистинските корени, со сосед со јасни вековни аспирации, за трговска зделка, напиша Куновска.

Од актуелните функционери денеска градоначалникот на скопската општина Центар Саша Богдановиќ изјави дека „верува во искрените намери на Бранко Црвенковски и ги прифаќа неговите критики и сугестии“.

Наспроти ова, вицепремиерот Љупчо Николовски, министрите Мила Царовска, Радмила Шекеринска, Бојан Маричиќ, Венко Филипче, потпретседателите на СДСМ, Коста Петров и Мухамед Зекири и други партиски функционери излегоа со објави за поддршка на Заев.

 СДСМ и македонските граѓани избраа иднина и избраа да чекорат напред, многу одамна, а Црвенковски е историја, му порача генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.

Останати функционери на социјалните мрежи го споделуваа партискиот став во кој е наведено:  

-Премиерот Зоран Заев во изминатите три години донесол низа тешки, но целосно исправни одлуки со кои сме ја обезбедиле иднината за нашата земја. Се што се прави е за македонската иднина во Европската Унија, Македонците со својот македонски јазик чекорат напред кон Европа, кон просперитет и кон пријателство со сите соседи, се наведува во нивните објави.

Поддршка дојде и од градоначалникот на скопската општина Бутел Велимир Смилевски, но до сега немаше јавни изјаснувања на скопскиот граодначалник Петре Шилегов и други градоначланици од редовите на СДСМ од општините Гази Баба, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Шуто Оризари…

Одговор нема ниту од самиот Заев на критките и барањата од сопартијците.

Очигледно, СДСМ во наредниот период ќе има многу внатрешни работи за средување и дообјаснување. СДСМ минатиот период често му држеше лекции на ВМРО-ДПМНЕ дека треба да има внатрешна демократија. Сега ќе видиме колку таа демократија вирее во нивниот двор.

 

Претходна вестФудбалската репрезентација на Македонија без напредок на ФИФА ранг листата
Следна вестБогдановиќ: Верувам дека сугестиите на Црвенковски се искрени