Спасовски го потсети и Заев: Куманово е ослободено од македонските партизани

Моето Куманово е ослободено на 11 ноември од борците против фашизмот и Македонија е ослободена, исто така, од борците на НОБ против фашизмот, изјави денеска Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи. На прес-конференцијата тој беше запрашан дали градот од кој тој потекнува – Куманово бил ослободен од Бугарите или од македонските борци при крајот на Втората светска војна.

-Моето Куманово е ослободено на 11 ноември од борците против фашизмот и Македонија е ослободена, исто така, од борците на НОБ против фашизмот. И тука се потврдени факти за ова, не треба сега да дебатираме заради тоа што јасен став и непобитен факт дека Македонија беше една од државите кои жестоко се  спротивставија на фашизмот и се бореа против тој  фашизам. Исто така, се знае дека основата, темелот на македонската држава лежи во АВНОЈ-ска Југославија и во АСНОМ во која што се потврдени македонскиот јазик и македонскиот идентитет, рече Спасовски.

Ваков став на Спасовски е различен од оној кој завчера во интервјуто за бугарската агенција „Бгнес“ го искажа премиерот и лидерот на СДСМ Зоран Заев.

– Бугарските и македонските трупи ослободија територии – Крива Паланка, Куманово, целиот регион, Скопје и целиот овој дел. И ова е добар дел од нашата историја, рече Заев.

Спасовски не беше директен околу тоа дали или не ги поддржува ставовите кои во скандалозното интервју ги искажа Заев, но рече дека решенија треба да се барат преку меѓусебно почитување.

-Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се нешто за кое никој не може и не смее да разговара, а не да преговара, заради тоа што тоа е право на самоопределување. Сметам дека таа желба што ја имаат и премиерот и членовите на Владата и  огромен број граѓани е да не се дозволи тоа што се случувало пред седум или осум децении да биде пречка за нашата перспектива и за нашата иднина.  Значи  никако да не заборавиме што се случувало во минатото, никој не може да ги побие било кои  од историските факти, меѓутоа мораме да одиме напред, историјата треба да ја оставиме на  историчарите, а иднината е во наши раце. Сите заедно треба да продолжиме кон подобра, посветла  иднина и перспектива, рече министерот Спасовски.

Тој не сакаше да го коментира ставот на поранешниот претседател на СДСМ и поранешен премиер и претседател на државата Бранко Црвенковски, само кусо одговори дека секој има право на свое мислење и став за секое прашање

Претходна вестГруевски: Заев денеска уште еднаш ја покажа својата патолошка омраза кон мене
Следна вестДве лица приведени 20 минути по насилно извршената кражба