Ванчо Ѓорѓиев: Интервјуто на Заев е минирање на досегашната работа на македонскиот дел од комисијата

Интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската новинска агенција „Бгнес“ е навреда за целиот македонски народ, без оглед каде живее, и за сите граѓани на државата Македонија, без оглед на нивната етничка припадност, се вели во реакцијата на историчарот професор д-р Ванчо Ѓорѓиев, член на македонскиот тим во мешовитата македонско-бугарска комисија за историја.

Реакцијата на Ѓорѓиев ја пренесуваме во целост:

 –Во 2007 година, по повод некои други историографски дебати, меѓу другото напишав: „Темата „историја“ во македонската транзиција е неисцрпна; многу натежнала. Но, барем за малку ред, нужна е доблест. Како прво, политичарите да покажат респект кон историјата; да сфатат дека тоа е наука, а не средство за дневно-политички манипулации.

Од друга страна, македонските историчари да покажат доследност, истрајност, непристрасност и објективност; да ги надминат идеолошките предрасуди, да се ослободат од егзибиционизмот и од полтронството. Само така можеме да се доближиме до историската вистина која, сепак, е релативна. Нашата цел е да ја ставиме историјата во функција на иднината – зашто народ без минато, без традиција и култура, без грижа и почит кон сопственото минато, без почит кон сопствените институции, всушност и не е народ. Таквиот народ ќе претставува обична аморфна маса, која ќе ја обликува секој што ќе посака, и колку ќе посака. Секој народ што претендира да го зачува својот идентитет, треба да ја почитува сопствената историска наука. Со тоа ќе си ја обезбеди иднината; во спротивно, ќе стане само дел од историјата, и тоа можеби од туѓа.“

Последново скандалозно интервју пред странски новинар е на пат да го потврди токму она што сум го кажал пред тринаесет години. Ова не, е и не може да претставува притисок врз македонскиот дел од Експертската мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Македонија и Република Бугарија – зашто таа многупати покажа дека не подлегнува на политички притисоци и не прифаќа ултиматуми. Напротив: ова е минирање и поткопување на досегашната работа на македонскиот дел од комисијата.

Го оценувам ова интервју како навреда за целиот македонски народ, без оглед каде живее, и за сите граѓани на државата Македонија, без оглед на нивната етничка припадност; како потоп за македонските политички, културни, научни институции и негација на македонската традиција, историја, култура и идентитет; и најпосле, како понижување за минатите, сегашните, и особено за идните генерации, за кои наводно водиме толкава грижа, потенцира професорот Ѓорѓиев.

Претходна вестМакедонија во четвртиот барабан за квалификациите за СП
Следна вестЗапленети 36 килограми марихуана, приведени две лица