Штрајк во Работнички: Кошаркарите не зеле плата, нема да играат ако не ја добијат

Кошаркарите на најтрофејниот кошаркарски клуб Работнички играат во добра форма и се во серија од шест победи, меѓутоа и атмосферата во клубот и во таква ситуација не е најдобра. Центарци се соочуваат со сериозни проблеми кои би можеле да кулминираат пред завршницата од Купот на Македонија.

Денеска кошаркарите на црвено-белите испратија писмо преку кое објавија дека започнуваат штрајк кој ќе биде на сила се додека не им се исплатат долговите, a ние го пренесуваме во целост:

„Во штрајкот се вклучени играчите, тренерите и сите вработени во Работнички кои предолго чекаа на своите пари. Екипата нема да биде во тренажен процес, а на играчите им се должат по 2-3 плати (во зависност од тоа кој кога дојде во клубот) од тековната сезона.

Револтирани сме и од негрижата за тимот бидејќи исто така поради неисплатени плати, во главниот дел од сезоната останавме без кондициски тренер откако си замина Кристијан Кајчевски. Сметаме дека заслуживме подобар однос со досегашните резултати затоа што екипата се наоѓа во серија од шест победи, остваривме триумфи против некои од најголемите ривали за титулата, го победивме МЗТ Скопје првпат по три години и се доближивме дури и до првото место на табелата. Освен тоа, направивме хемија во тимот, гинеме сите за еден и тоа се чувствува во секој сегмент од нашето функционирање.

Ако не бидеме исплатени, екипата нема да отпатува на претстојниот натпревар против Еуро Никел, во следното коло од домашното првенство, без оглед на сите консеквенци со кои би се соочиле како клуб“, стои во соопштението на Работнички.

Предводниците на Работнички имаат време до недела да ги исплатат платите, тогаш Работнички гостува во Кавадарци и ако кошаркарите не добија барем една заостаната плата ќе се соочат со службен пораз, секако ако играчите и тренерите останат доследни на својот став.

Претходна вестУапсени 59 членови на албанската мрежа за шверц на дрога низ Европа
Следна вестНајстарата жена на светот почина на 124 години