Сиљановска Давкова: Неопходен е нов вид Маршалов план за разурната Украина

По Втората светска војна, Маршаловиот план, меѓу другото, беше израз на солидарност кон разрушената Европа, а денес е неопходен нов вид Маршалов план за разрушената Украина, порача денеска претседателката Гордана Сиљановска Давков. Таа, денеска во Берлин, во рамки на учеството на Конференцијата за обнова на Украина се обрати на главниот панел за шефови на држави и влади на кои говореа и домаќините на конференцијата, германскиот канцелар Олаф Шолц и украинскиот претседател Володимир Зеленски. На главниот панел присуствуваа и претседателите и премиери од Холандија, Норвешка, Финска, Литванија, Молдавија, Естонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Грузија.

-Неопходно е инвестирање не само во патната и во енергетската инфраструктура, туку и во човечката, образовна, социјална и нормативна инфраструктура, рече Сиљановска.

На сесијата позитивно беше оценета постоечката заедничка европска позиција дека треба да продолжи сеопфатната помош за Украина.

Претходно, претседателката Сиљановска Давкова присуствуваше на отворањето на конференцијата, на кое свои обраќања имаа германскиот канцелар Олаф Шолц, украинскиот претседател Володимир Зеленски, и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен.

Конференцијата е продолжение на серијата годишни настани на високо ниво посветени на брзо закрепнување и долготрајна реконструкција на Украина, по почетокот на руската воена агресија. Клучна цел на настанот е да се обезбеди континуирана меѓународна поддршка за обнова, реконструкција, реформи и модернизација на Украина.

Претходна вестДарио Ивановски со порака пред ОИ во Париз: Гладен сум!
Следна вестМЗ: Немаме прибележано право за трајно користење на земјиштето каде што е паднатиот потпорен ѕид