Силјановска-Давкова положи заклетва: Ќе бидам претседателка на сите граѓани

 

Ќе бидам претседателка на сите граѓани, нема да правам разлика, порача денеска Гордана Силјановска – Давкова, новиот претседател на Македонија. Таа се обрати во македонското Собрание откако ја положи заклетвата пред пратениците и присутните гости.  Силјановска – Давкова при својата свечена изјава, која ја повторуваше по претседателот на Собранието Јован Митрески, не го кажа уставното име Република Северна Македонија туку употреби само Македонија.

-Изјавувам дека функцијата претседател на Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно, ќе го почитувам Уставот и законите, ќе го штитам Суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија, кажа Силјановска-Давкова.

Во своето обраќање по положувањето на заклетвата таа укажа големото значење на жените во политиката и порача дека за сите ќе се грижи за сите еднакво.

-Ќе бидам претседателка и на левата и на десната страна. Ќе бидам претседателка на сите граѓани нема да правам разлика ниту по етничка ниту по верска ниту по полова ниту по било каква разлика. Време е за единство и за тоа ќе им се обратам на жените. Бидејќи ние покажуваме дека не се грижиме само за себе туку и за сите околу нас, посочи Силјановска во обраќањето кое беше посветено на улогата на жените во политиката и која треба да биде многу поголема.

Таа рече дека не можела да замисли дека ќе добие ваква доверба од граѓаните.

-Единствениот човек кој тврдеше дека ќе се случи тоа е господинот Христијан Мицкоски, а јас одговарав дека не е можно. Време е за единство, затоа реков дека ќе им се обратам на жените. Ние умееме да се грижиме за сите останати, не само за себе. Среќна сум што деновиве првите честитки дојдоа од жени. Роденденот нема да верувате, го поминав со амбасадорката на САД. Првите честитки дојдоа од Дорис Пак, од моите колешки од сите континенти и од сите области. Во ова Собрание јас ќе се обидам да укажам дека не мора да дојде до вето. Среќна сум што ќе инспирирам други жени. На Западен Балкан се уште е жив патријархатот, затоа мислам дека силните жени на поинаков начин може да ги решаваат проблемите. Дека сум во право покажува и тоа што оваа држава не ја бранеле само комитите, туку и комитките, и партизанките. Многу храбри и умни жени сум видела во овој Парламент. Јас ќе го пробивам патот, и од лево, и среде и десно гледам многу умни, посветени жени, кои ќе ги носам и во умот и во срцето, потенцира новата македонска претседателка.

Силјановска – Давкова додаде дека жени немаше на врвни функции, а дека тие може да ја развиваат политиката како умешност на можното.

-Зад успешни жени стојат прекрасни мажи, како мојот сопруг. Тој прифати животот да ни биде натпревар. За време на кампањата доживеав да ми биде укажана доверба од човек кој не го познавав од порано. Довербата е многу важна, и јас ќе ја оправдам. Не заради долг кон партија, затоа што добив шанса да бидам опкружена со многу жени порача новиот претседател на државата Гордана Силјановска Давкова.

Претходна вестАвтомобил удри во пешак во Чаир, тешко повредена 65-годишна скопјанка
Следна вестГрчки медиуми: Грчката амбасадорка ја напушти инаугурацијата на Силјановска-Давкова