Зошто продолжува претседателската трка во Македонија и покрај убедливата победа на професорката Гордана Силјановска Давкова? Начинот на избор на македонски претседател е чудесија самата по себе, доказ како не треба да се пишува устав и изборни правила, школски пример како се создава вградена маана во политичкиот систем која што може да доведе до уставна и до институционална криза, но и слика за нашата аљкавост и мрза. Со постигнатиот резултат и разлика од противкандидатите, професорката Силјановска веќе ќе беше избрана претседателка во некои изборни системи кои што бараат и втор круг, но кај нас СДСМ и ДУИ одлучија да одат против државните интереси, против мислењата на Венецијанската комисија, како и против здравата политичка логика, па уште живееме со овие чудни решенија.
Нејсе, Гордана Силјановска Давкова ги победи сите касандри, скептици и „аналитичари”. Нејзиниот изборен резултат е највисок резултат на било кој претседателски кандидат во историјата на демократска Македонија (втор на листата е Тито Петковски од 1999 година). Исто така, ова е највисока разлика помеѓу првопласираниот и второпласираниот кандидат на изборите, ако се исклучи 1994 година (тие избори беа оспорени од целата опозицијата, па и од дел од самата власт, а беа влез во бојкот на опозицијата и во најгрдото поглавје на македонската транзиција). Професорката има шанса во наредните неколку дена да го покаже на дело нејзиниот концепт за консензус, да ја рашири својата поддршка за да ја опфати целата опозиција и да ги обедини сите граѓани на Македонија зад својата кандидатура. На 8 мај таа треба да испише историја, како прва жена и прва опозиционерка која што била избрана за шефица на државата.
Стево Пендаровски, исто така, се бори за своето место во македонската историја. Тој беше политичарот кој што беше во најрадикалното крило на „шарената револуција” и на СДСМ, групата која што идејно стоеше зад концептот на остра поделба пред 2017 година и потоа зад апартхејдот по 2017 година. Тој не покажа президенцијалност во ниту еден момент од неговото претседателствување. За негова среќа судбината му даде уште една шанса … Во следните неколку денови тој треба да го поведе СДСМ и своите бирачи во битка за Македонија и за заштита на уставниот поредок. Дури и кандидатите кои што губат на изборите може да си го сочуваат своето лице пред граѓаните и својата слика во историјата, но само ако покажат президенцијалност, односно врвен уставен патриотизам и граѓанска одговорност. Пендаровски може да ги сруши злокобните идеи на Али Ахмети и на ДУИ Македонија повторно да зачекори во криза и неизвесност. Неговата историска оставнина се крои во следните неколку дена и редно е по првпат во неговата политичка кариера да покаже президенцијалност.
На 8 мај Македонија има нова средба со историјата. Најдоброто сценарио е да се стави точка на деценијата нестабилност која што започна со изборите од 2014 година, а клучот за успех е во рацете на Силјановска и на Пендаровски.