Отворањето на Уставот е наметнато и не произлегува од потребите на граѓаните затоа нема консензус, потенцира универзитетската професорка Гордана Силјановска – Давкова. Во интервјуто за Студио 10 на ТВ 24 таа рече дека ова што се прави сега со уставните промени е инструментализација бидејќи власта решила како треба да се смени Уставот.
-Со вакви измени не правиме ништо. Ова е само инструментализација. Се треба да се гледа системски. Секое отворање на Уставот кај нас е отворање на Пандорина кутија. Зошто е така? Бидејќи ние не се грижиме со правата на граѓаните, туку само се занимаваме со проблеми или се врзани со интервенции од надвор или од етничка природа. Тоа се наметнати измени или измени кои не произлегуваат од политичката реалност на Македонија, рече Силјановска.
Таа додаде дека на актуелниот македонски Устав му требаат сериозни измени.
-Со овие ад хок измени што ги правевме од Уставот направивме нешто што не се почитува. Сега се срамам кога предавам уставно право. Имаме членови кои се со бројки и членови кои не се со бројки. Преамбулата веќе никој и не може да ја разбере. Сите измени досега укажуваат на базично непознавање на уствноправната техника, смета таа.
Таа предлага да се креира нов Устав, но не вака по порачка за покривање политички цели туку заради создавање уставно втемелена демократска држава.
– Ние имаме 36 амандмански измени за 30 години, а американскиот устав има само 27 за 200 години постоење, вели Силјановска Давкова.
Според неа, спорни се измените што се најавуваат.
-Ние не се грижиме за правата на граѓаните туку се занимаваме со проблеми од етничка природа или се врзани со интервенции однадвор што значи наметнати измени а не измени кои ги наметнува реалноста. Јас би прифатила измени кои се однесуваат на човековите права и тероризмот, но не и ова што се прави. Земете го примерот со Преспанскиот договор. Кога се внесуваше во Уставот се побара да се внесе и Охридскиот рамковен договор, што е спорно и условувачки. Сега повторно имаме условување 20 проценти да се замени со терминот албански јазик, вели професорката.
Таа додава дека идејата на уставотворците била мултикултурна држава, а не бинационална држава, па оттука тоа 20 отсто не се однесува само на Албанците оти во локалните самоуправи има и други јазици застапени кај 20 отсто од популацијата.
Силјановска додаде дека „непристојно, неполитички, ненаучно е да се влезе во уставни измени, па во текот на расправата ќе се трага по две третинско мнозинство“. -Тоа не оди така. Уставот е своевидна општествена повелба и консензусот е многу важен, рече професорката.