Македонските одбојкари вечерва забележаа прв пораз на Европското првенство откако беа поразени од репрезентацијата на Полска. Избраниците на Миленкоски загубија со 3-0 во сетови со тоа што најголем отпор дадовме во вториот сет во кој бевме рамноправни до самиот крај.
Македонија во првиот сет се држеше до 9:9, а потоа Полска направи серија од девет поени по ред и го доби сетот со 25:12.
Во вториот сет македонските одбојкари беа одлични, имаа 19:19, но на крајот сепак Полска го комплетираше со 25:21.
Третиот сет Полска го доби со 25:14 и стигна до очекуван триумф.
Исход што е сосема очекуван ако се земе во предвид реномето на противникот кој е актуелен првак на Светската Лига на Нации и големата разлика во квалитет и искуство кога станува збор за настапите на големите натпреварувања.
Филип Маџунков рече дека Посла е врвна селекција.
-Точно е дека се обидовме, како што најавивме, да уживаме во овој натпревар затоа што знаевме дека играме против една од најдобрите светски селекции. Посакувавме да парираме повеќе, покажавме во вториот сет дека сме тука дека можеме и до некој сет, но сепак се работи за врвна селекција и да бидеме реални немавме шанси за победа. Имаат феноменален сервис и тука ја прават разликата на секој меч, рече Маџунков и дополнува:
-Сега не чекаат последните два меча со Холандија и со Чешка. Веруваме дека против нив можеме далеку поуспешно да играме, затоа што не се на ист ранг со Полска. Ако дадеме се од себе, да одиграме на она наше ниво на кое знаеме, можеме да дојдеме и до победи. Мислам дека можеме и повеќе од четвртото место во групата.
Утре е ден за одмор за нашите репрезентативци, кои следниот предизвик ќе го имаат во вторник, кога за ривал ќе ја имаат селекцијата на Холандија (17 часот, СЦ „Борис Трајковски“).