Силно алармираа на ОБСЕ за маките на другите, за македонските молчеа

Колумна на Никола Тасев:

Денеска, Европа ќе продолжи да се надмудрува кој однел дипломатска победа на Самиот на ОБСЕ во Скопје. Дали е тоа ЕУ која ја искара Русија за Украина или пак победник е министерот Лавров, кој првпат по отпочнувањето на руско-украинската војна седна на иста маса со другите европски колеги и им контрираше?

Она што мене ме интересира е каква победа однесе Македонија? И тоа не само за време на овие два дена, кога во нашиот главен град се одржува Самитот, туку во целиот период од една година претседавање со Светската организација за безбедност и соработка.

Дека Македонија е добар домаќин – не е спорно. Тоа е наша традиционалност. Го виде тоа европската јавност овие два-три дена. Нашата држава и нашата Влада и во наредниот период ќе добива дипломатски честитки од своите колеги за успешната организација. Ама ние дома да се разбереме, Владата потроши огромни народни пари (и афери произлегоа) за да дојде до оваа пофалба.

Но дали власта треба да добие честитки и од домашната, пред се, неутрална јавност? Од мене нема! Еве зошто:

Вчера беше неработен ден за администрацијата, а јас сум на работа. Некој треба да го полни буџетот. Работа имам многу, ама осоколен од изјавата на Премиерот Ковачевски дека „Самитот е одлична можност за промоција на земјата“, почекав да го изгледам неговиот настап. Знаев дека ќе биде краток (такви се обично воведните излагања) и на мобилниот ѕиркав од време на време.

Почна Османи, ова – она, а за Македонија ништо. Си велам, уиграна варијанта прават, му „набацува“ на Ковачевски да поентира. И почна Премиерот силно. Ги брани сите нападнати во Европа, бара правда за сите кои трпат неправди. Јас осоколен чекам – на ред да дојде за Македонија. Кога, одеднаш неговиот настап заврши. Ниту збор за проблемите кои Македонија ги има со соседите, со…

Е, ова за честитање е?

Да не бидам погрешно разбран: за војната во Украина мора да се зборува, оти страшно е тоа што таму се случува. На украинскиот народ треба да му се помага и да се наоѓа решенија за мирно завршување на војната, но и Македонија има свои големи проблеми, што се во сферата на дејствување на ОБСЕ.

Ако Самиот на ОБСЕ уште еднаш ја покажа традиционалната гостољубливост на Македонија, тогаш истиов Самит уште еднаш ја покажа сервилноста на власта кон странските дипломати и отсуството на желба и сила да се говори и бори и за себе, за својата држава, за сопствените проблеми. Да се истакне со што Македонија се соочуваше во минатото, но и денес.

Свесен сум дека ОБСЕ повеќе сака да говори за глобални проблеми, но свесен сум и дека, доколку Османи и Ковачевски имаа желба и патриотско чувство бар со еден збор или една реченица ќе можеа да истакнат некој од македонски актуелни проблеми. А шансата беше овде. Преку 300 новинарски екипи од цела Европа, преку 70 делегации на високо ниво…

Па дури и нашиот Премиер го увиде тоа и јасно кажа дека овој Самит е можност за силна промоција на државата. Ама ништо не направи.

Или тој под промоција подразбираше дека Македонија знае да преправи една голема сала и да зготви вечера, а дека нема да бранува ниту кога се дави?

Инаку, Македонија, покрај шансата да ги истакне своите проблеми, ја испушти и шанса преку претседателствување со ОБСЕ многу повеќе да ја промовира и својата култура, традиција, своите економски, научни и човечки капацитети. Оти нели за луѓето се работи!

Среќа што за неколку месеци доаѓаат избори, па очекувам од новата власт различен пристап кога се работи за македонските национални проблеми. Тие треба да се истакнуваат во секоја прилика, за нив треба да се борат и да ги решаваат. Така дејствуваат сите други кои се членки на ОБСЕ.

Туку долг е денот, ОБСЕ самиот трае и денес, еве шанса барем на крајот нашата власт да зуцне нешто за Македонија.

 

Претходна вестДрвокрадци од Штип фрлале дрва по полицајци
Следна вестАмериканска премиера на „М“ на Вардан Тозија во Њујорк