Синдикатите на УКИМ незадоволни од Колективниот договор: Не е реално вреднуван нашиот труд

Незадоволство од предложените решенија во Колективниот договор за високо образование кој треба да биде потпишан помеѓу СОНК и Владата, изкажа денеска Сојузот на синдикати на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Во соопштение оценува дека најавеното покачување на платите предвидено во Колективниот договор помеѓу Владата и СОНК реално не го вреднува трудот на вработените во високото образование и нема да придонесе за подобрување на материјалниот статус во високото образование.

-СОНК во суштина не е мнозински синдикат на вработените во високото образование. Својата правна репрезентативност СОНК ја оправдува со своето членство од основното и средното образование. Значителен број на одредби од Колективниот договор не се во согласност со Законот за високото образование и со високообразовната и научноистражувачката дејност. Најавеното покачување на платите предвидено во Колективниот договор помеѓу Владата и СОНК реално не го вреднува трудот на вработените во високото образование и ни оддалеку нема да придонесе за подобрување на материјалниот статус во високото образование. Платите во високото образование со години останаа непроменети, додека платите во другите дејности, како и минималната и просечната плата во С. Македонија, постојано се покачуваа. Стандардот на вработените во високото образование драматично се намали, а платите во овој сектор се убедливо најниски во Европа, соопштуваат од синдикатот.

Оттаму дополнуваат дека најавеното минимално покачување апсолутно нема да придонесе за запирање на падот на стандардот на вработените во високото образование и дека е потребно „далеку поголемо покачување на платите на вработените во високото образование“.

-Со овој Колективен договор вработените на најстариот и најголемиот Универзитет во државата остануваат и понатаму дискриминирани во однос на платите на вработените на другите државни универзитети. Коефициентите за плата на наставниот и ненаставниот кадар во другите дејности од јавен интерес се повисоки од коефициентите за плата предвидени во овој Колективен договор. Коефициентите за плата на ненаставниот кадар се далеку пониски од коефициентите во државната администрација. Досега склучените колективни договори се со многу поповолни услови отколку овој Колективен договор, стои во соопштението.

Наспроти негодувањето на Синдикатот на УКИМ, од СОНК тврдат дека е голем успех тоа што по неколку децении успеале да издејствуваат потпишување на Колективен договор во високото образование. Јавната расправа завршила во петокот и следните денови ќе бидат разгледани забелешките на членството, кои најмногу биле од техничка природа, велат од СОНК.

Претходна вестВујо Мајсторе се враќа на клупата на РК Вардар
Следна вестИма ли и други „Стојковци“ во Заевото друштво?