Не е вистина дека ненавремено сме ја поднеле документацијата за потпишување на Колективниот договор, реагира денеска Синдикатот на вработените на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола. Тие испратија демант на прес конференцијата на техничкиот премиер Талат Џафери кој денеска изјави дека колективните договори на петте јавни универзитети не биле навремено испратени за да и тие добијат покачување на платите на вработените.
-Одговорно тврдиме дека целокупната документација за потпишување на Колективниот договор уредно е доставена до претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, основач на Универзитетот на 04.05.2023 година, а истата е примена од наведениот примач на пратката на 05.05.2023 година. Во прилог ви доставуваме скенирано Барање бр. 02-9/1 од 04.05.2023 година и Повратница за врачување со број на испратена пратка 055674143 од 04.05.2024 година, со што се демантира изјавата на г-динот Џафери за ненавремено поднесување на документацијата за потпишување на Колективниот договор, односно тврдењето дека Синдикатите почнале да ги доставуваат материјалите во октомври, 2023 година. Тврдењето дека Синдикатите на Универзитетите не биле формирани навремено целосно го отфрламе, бидејќи Синдикатот на Универзитетот „Св. Климент Охридски” Битола е формиран на 14.12.2022 година, за што ви испраќаме и Тековна состојба од Централен регистар, велат од таму.
Синдикатот ставот на техничкиот премиер дека не знаеле да напишат барање го гледа како навреда.
-Навредата, пак, дека Синдикатите не знаеле да напишат Барање, не сакаме ни да ја коментираме. Впрочем, во прилог ви го доставуваме и Барањето, па ве молиме самите да ја оцените спорноста на истото, се наведува во обраќањето.