Синдикатот во „Македонска пошта“ ќе прави нова систематизација, никаде немало 15 подружници, 15 директори, седум члена УО, а се помалку работници…   

Најава дека ќе прават нова систематизација на работни места која ќе биде доставена до идната Влада со инсистирање на нејзината примена, најави денеска Синдикатот во „Македонска пошта“. Синдикалниот лидер Боро Велигденов рече дека тоа треба да биде стартно решение за состојбата на Поштата, која е на работ на егзистенција, а се доведени во прашање над 2.000 работни места. По изборите ќе се бара да се потпише и новиот колективен договор што го подготвиле, но за кој, работата на комисијата била прекината пред година и половина. Исто така се бара и итно подобрување на условите за работа и обезбедување средства бидејќи според Синдикатот во ваква состојба има огромни тешкотии во работењето.

Велигденов на прес-конференција пред Владата истакна дека веќе се консултираат со членството за организирање нов протест и почнување постапка за штрајк. По минатомесечниот протест тие не добиле одговор на барањата за состанок со Управниот одбор и со Владата.

-Како Синдикат почнуваме со подготвување на систематизација со вклучување на експерти. Целта е  да се приложи на која и да биде идна Влада за да се почне веднаш со реформи, реорганизација и стабилизација на друштвото. Состојбите се крајно сериозни, финансиската состојба е алармантна, како вработени сме загрижени за редовната исплата на платата. Вчера земавме плата, но имаме неисплатена плата на над 200 договорни поштари, рече Велигденов.

Нам ни е важно, истакна, да не се продолжи со оваа лоша кадрова политика, со партизацијата што со години и години наназад се провлекува и ја доведе Македонска пошта до работ на опстојување. Клучен проблем е токму систематизацијата.

– Со постоечката систематизација, а веруваме дека таква организација во работењето нема во ниту една институција, имаме 15 подружници, 15 директори, седум члена на Управен одбор, шефовски места, раководни позиции, советници, стручни соработници, а се помалку работници во технолошкиот процес, укажа Велигденов.

Велигденов рече дека во активностите што ги најавува нема да учествува другиот репрезентативен синдикат во националната Пошта бидејќи  раководството на тој сидникат по протестот донело таква одлука.

-Најавуваме натамошни активности во насока на организација на протест, како и отпочнување на постапка на штрајк. Во моментот се прават анкети, се информираат вработените за поголемо учество во натамошните активности, меѓутоа во насока на заштита на работничките права и како синдикат ќе ги преземеме сите активности и мерки за заштита на нашите работнички права, како што се протести. Бидејќи сега се избори, во наредниот период ќе одлучиме како ќе настапиме, информира тој.

Претходна вестЗа ова требаше да се зборува во кампањата, ама…
Следна вестМалолетник од Тетово украл возило, па бегајќи оштетил друг автомобил