Набавката на вакцините против корона вирусот и натаму е невозможна мисија за Македонија. Донираните околу 8.000 вакцини од Србија веќе се речиси потрошени, а на повидок нема испорака на нови. Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче деновиве најавија дека наскоро може да се очекуваат околу 200.000 дози од кинеските вакцини. Но, сега се воздржаа од определувањето на датумот кога ќе пристигнат. До сега кажуваа неколку и сите термини се покажаа како промашени: во текот на февруари, по кинеската Нова година, до крајот на февруари… Еве, сега почнува да тече и првата деката од март но нема ни најави дека вакцините се товарат за Македонија. А за првата половина од овој месец ни е најавен и контигент на вакцини од „АстраЗенека“…
Прават ли нашите најодговорни функционери доволно за да конечно добиеме вакцини?
Слични проблеми со набавката на вакцини имаат и повеќе други земји. Но, нивните лидери решија да не седат по канцеларии. Австрискиот премиер Себастјан Курц изјави дека Австрија повеќе не сака да се потпира на Европската унија за испорака на вакцини. Тој најави развој на нови варијанти на вакцини заедно со Израел и Данска и во Израел ќе се состане со данскиот премиер Мити Фредериксен и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за да ги подготви чекорите за производство на вакцини.
Претседателот на Полска, Анджеј Дуда, пак, разговарал со кинескиот лидер Си Џинпинг за купување кинеска вакцина против ковид-19 барајќи начини како во земјата да се забрза вакцинацијата. Словачкиот премиер Игор Матович купил дози од руската вакцина на корона вирус по скокот на новозаболени во Словачка.
Српскиот претседател Александар Вучиќ неодамна изјави дека тој и премиерката Ана Брнабиќ имале низ разговори со производители на вакцини благодарение на што оваа земја е рекордер во регионот во однос на вакцинирањето.
Очигледно, каде што сериозно се ангажираа претседателите и премиерите имало и ефекти во однос на менувањето на состојбите со вакцинирањето. Но, таквиот однос, барем јавно, не видовме од страна на нашиот претседател на државата Стево Пендаровски и премиер Зоран Заев за да се направи каков и да е контакт со производители или со лидерите на други земји со цел што побрзо да добиеме вакцини. Единствено ако од скромност не ни кажуваат, освен дека Заев се јави во Србија да моли за вакцини.
Се гледа дека веќе одамна двајцата немаат излезено од Македонија, освен Заев кој отиде на граница да чека вакцини од Србија.
Очигледно, треба да се направи нешто повеќе од претседателската и премиерската канцеларија. Здравствените експерти Драган Даниловски и Никола Пановски деновиве предупредија дека „со седење во канцеларија не се наоѓаат вакцини“.
-Сите средства треба да се употребат при набавка на вакцини, сите методи, па дури да се употребат и луѓе кои што играат и голф со газдите на фармацевските компании или оние кои пијат кафе со нив еднаш неделно. Мора да се излобира на сите страни за да дојдеме до вакцини, рече неодамна Даниловски.
Пановски , пак, додаде дека вакцините треба да се бараат и со долгогодишни врски создадени во професијата.
– Имам во телефон од декември 500.000 дози од „Синовакс“ вакцина, предлог договор до македонската влада на која не одговара. Мене тоа на приватниот меил ми го имаат испратено, рече Пановски.
Да се наведаме дека постапките на другите државни лидери и мислењата на експерти ќе ги натераат Пендаровски и Заев да излезат од канцелариите…, па нели Македонија сега не е изолирана земја, туку е членка на НАТО, пред вратите на ЕУ…