Политика наместо труд и „потење“ на терен, вака накусо може да се објасни владеењето на локалните власти, не само сега, туку и годините наназад. Секојдневно гледаме како на критики од опозицијата и граѓаните, властите враќаат со контра-критика, оспорувајќи го владеењето на опонентите во претходните години.
Последна беше ракцијата на Град Скопје на критиките што претходно ги изнела советничката група од ВМРО ДПМНЕ – на тема трошење на општинските пари во време на пандемија. Зошто не беа немилосрдни кога во нивно време се трошеше на палми и стиропор?- реплицираа од Град Скопје.
– Истите тие, зошто тогаш не бараа парите од скапите палми што се исушија, да не бидат пренаменети за граѓаните, зошто тогаш не коментираа кога врбите од 250 000 евра што се садеа во Вардар беа непотребни и со парите да се направи конечно нешто корисно за главниот град? Зошто не мислеа поинаку кога се градеа галиите, кога се правеа барокните фасади или кога се бетонираше и унаказуваше центарот на Скопје? Зошто тогаш не мислеа на сиромаштијата на граѓаните кога нивните сопартијци јадеа и се гоштеваа со бизони на државна сметка?- стои во реакцијата од Градот.
Но на препукувањата не останаа рамнодушни скопјани кои бараат и од „Скопско ехо“ да ги пренесе нивните ставови. Вријат и социјалните мрежи:
– Курто му рече на Мурто…и се така. Еднаш ќе сработите ли нешто откако ќе дојдете на власт, или за неспособноста и мрзеливоста ќе ви биде виновен другиот засекогаш?! Во меѓувреме, ние да ве слушаме и да ве гласаме, нели? За да може комотно да си ги трошите нашите пари додека целата вина ќе ја истурите врз вашите претходници, револтирано вели Маја П. која живее во Карпош 4.
-Принципот „не гледај дека ништо не сум сработил, туку слушај да ти кажам како другиот не мрдна со прст“ не ви поминува! Како не разбирате дека сакаме мерки за загадување, Скопје-зелена престолнина, а не ливада на плоштад, планско градење а не истовремено раскопување на целиот град, чиста средина, а не депонии кои секојдневно растат „благодарение“ на тоа што вашите претпријатија ги полнат, реагира Мирко П. од скопско Тавталиџе.
И додека „Курто и Мурто“ се препукуваат работите со загадувањето и тоа во време на пандемија излегоа од контрола. И синоќа скопјани се гушеа во смог, чад и страшните ПМ10 честички.