Стационарот „Лајка“ апелира до скопјани да не употребуваат петарди и други пиротехнички средства оти на тој начин ги плашат бездомните кучиња, кои потоа стануваат збунети, агресивни и напаѓаат.
-По многубројните пријави од граѓани за исплашени и истрауматизирани бездомни кучиња, но и на избегани домашни миленици во последните неколку денови како последица од употребата на петарди и пиротехнички средства во овие празнични денови, продолжуваме и понатаму со кампањата против нивна употреба, велат од „Лајка”.
На оваа нивна објава, експресно раширена на Твитер, скопјани брзо реагираа:
-А да си направите внатре кампања во „Лајка“ па да станете стационар за да вдомувате повеќе кучиња отколку да терате кампањи против петарди?!
-Пиротехнички средства пукаат еднаш годишно, вашата работа треба да е постојана. Јас не гледам разлика, конкретно во Аеродром, каде што бездомни кучиња има и повеќе отколку порано додека го чекавме „Лајка“ да се отвори!
-Од „Лајка“ не се очекуваат кампањи туку акција на терен! Соберете ги кучињата!
„Лајка“ почна со работа неодамна, откако претходно градоначалникот на Скопје Петре Шилегов во неколку наврати го најавуваше нејзиното отворање. Дали ќе се проширува, зошто повеќе кучиња таму не се вдомат и колку реално може да опслужи на дневно ниво, јавноста не знае. А станува збор за јавно претпријатие кое се плаќа со пари од џебот на граѓаните.