Ако се наоѓате на крстосницата кај поранешна амбуланта „Пролече“ и треба да стигнете до Центар, кој пат и да го фатите е осуден на стоење во место со автомобилот. Имено, ако решите да одите од кај „Железничка станица„ целата улица е раскопана и се прави, се до другата раскрсница. Ако пак тоа ви се чини тешко за автомобилот, тогаш ќе продолжите право кон поранешна Градска болница. И тамам сте помислиле дека метежот стивнува, одеднаш пред вас ознаки на патот дека токму таа „11 октомври“ целата е раскопана и на неа се работи.
Значи две клучни сообраќајници се токму сега раскопани и на нив интензивно се работи во текот на работниот дел од денот кога сообраќајниот крвоток и онака е со пречки.
Но тоа не е се. Од вчера почна да се реконструира и улицата Васил Ѓоргов во населба Капиштец – клучна сообраќајница што го поврзува Козле и Тавталиџе со Центар. Значи веќе 3 клучни улици се неупотребливи, а децата тргнаа на училиште и животната циркулација станува погуста. Скопјани нервозни:
-На само неколку месеци пред локалните се разработевте турбо, сме го гледале тоа и друг пат, ама не знам како мислите дека предизвикување ваков метеж ќе ви донесе поени?!
-Не можеше ли улициве да се реконсттруираат во текот на летото?!
-Како е возможно иста песна постојано, не учите ли од грешките на вашите претходници?
-Барем ќе ги направат, лош е тајмингот, ама барем нема да ги кршиме автомбилите откако ќе ги направат… коментираат скопјани.
Петре Шилегов тврди немало поинаков начин.
-Луѓето кои гравитираат на двете сообраќајници се различни и не си прават метеж едни на други. Јас немам чувство дека кај граѓаните има незадоволство од тоа што вршиме реконструкција, можеби има моментално незадоволство поради гужвите што се создаваат, меѓутоа не постои поинаков начин како да извршите реконструкција на улица, без да го пореметите секојдневното движење на граѓаните. Навечер не може да се работи, бидејќи тоа не се потези што може да ги отворите и да ги затворите веднаш, што значи и да ја изгребеме навечер улицата, утредента по неа пак нема да може да се вози, а и тука живеат луѓе, не можеме да им работиме под прозор ноќе, со работни машини, рече скопскиот градоначалник.