Велосипедот ми е украден на 29 мај од Аеродром, снимката од кражбата не ја објавував со надеж дека надлежните ќе го пронајдат крадецот. Но, ништо од надежите. Токму затоа сега ја објавувам снимката и замолувам доколку некој го препознае крадецот да ми пише… Ваква порака деновиве беше објавена од еден член на Фејсбук-групата „Украдени точаци“ со надеж дека ќе се пронајде крадецот на велосипедот. На фотографијата се гледа ликот на крадецот кој од по ходникот во зградата и потоа изнесува велоиспед.
Но, ова не е единствена фотографија на некој од крадците на велосипеди по скопските згради. На оваа социјална мрежа до сега веќе се објавени повеќе фотографии на крадци на велосипеди кои беа снимени од надзорните камери по зградите. На речиси сите се гледаат ликовите на крадците кои ги изнесуваат скапите велосипеди од ходниците каде ги чуваа нивните сопственици. Снимките се објавуваат од страна на граѓаните со цел крадците што побрзо да бидат пронајдени и да се запрат кражбите. Но, и покрај ова, резултатот е минимален – речиси ниту еден од крадците досега не е фатен од страна на полицијата.
Сето ова отвора прашање зошто и ваквите снимки не помагаат брзо да се фатат крадците. Граѓаните во своите коментари прстот го насочуваат кон полицијата.
–Периодов неколку точаци се украдени пред зградава (Дебар Маало, кај Бруклински). Не знам дали се истите, ама денес се фатени на камера како обиваат врата и влагаат у зграда и крадат клима и количка од подрум. Е, за ова ако не се активира МВР, не знам што да кажам, коментира една граѓанка.
Друг граѓанин наведе дека со снимките крадците може лесно да се најде доколку се сака.
–Камерата одлична. И дете да ги побара, ќе ги најде. Шерување само, може некој од надлежните ќе се смилува, потецнира овој граѓанин.
Другите, пак, укажуваат дека снимките треба да бидат доволни за приведување.
–А бе мува не ги лази и фатени на камера и се живо. МВР нека си седи со скрстени раце, требало на дело да бидат фатени.. потенцира овој наш сограѓанин.
Очигледно, граѓаните сметаат дека полицијата треба да биде поактивна и да почне да ги користи снимките од кражбите за да ги фати сторителите. Во спротивно, вака само ќе се прават фото-албуми од крадците кои и натаму ќе продолжуваат да крадат.