Скопјани се фатија за новогодишната елка, а за другото…

Скопје има многу натрупани, а сериозни проблем. Скопјани често реагираат за сето тоа, ама сега за новогодишното украсување некако се најревносни.

Те елката била накривена, те била ненакитена, сиромашна и мала, те… сето ова се коментарите коишто деновиве се даваа за изгледот на новоогодишната елка на централниот скопски плоштад. Ништо подобри деновиве не беа ниту коментарите коишто се даваа за вкупното новогодишно украсување на македонската метропола.

Било задоцнето, било бедно, со украси од Бит Пазар, метрополите во светот биле одамна многу поубаво украсени…, коментираа и се бунеа скопјани на социјалните мрежи. Толку тоа беше масовно што стаса и до медиумите во соседството, па почнаа таму да го исмејуваат она што се прави во Скопје со новогодишното украсување.

-Кога си тажен, сети се на несреќната новогодишна елка во центарот на Скопје, објави еден од најпопуларните српски портали Нова.рс опишувајќи ја елката на централниот скопски плоштад.

Очигледно, новогодишното украсување на градот одново повлече тешки зборови, обвинувања, понижувања, потсмејувања, иронизирања во големи дози… Како и секоја година, впрочем. До скоро проблемот беше околу прескапите трошоци за украсувањето на Скопје од средината на декември до средината на јануари. Сега дека е прескромно.

Податоците покажуваат дека за новогодишни украсувања од градската каса се издвојувале големи средства – од 170.000 евра во 2015-та година, па се до рекордните 285.000 евра за дочек на 2020-та година. Граѓаните преку истите социјални мрежи поставуваа оправдани прашања – како може поставувањето на елката, на украси по улиците, кукиќчите на плоштадот, по некој огномет… да ги чини толку многу пари? И како секоја година тендерот да го добива една иста фирма, која поставува исти украси…

Истовремено, никогаш да не се добие детален отчет за тоа за што конкретно биле потрошени 285.000 евра во смисол потрошената струја чинела толку и толку, поставувањето и демонтирањето на украсите чинело толку и толку, кукиќчите чинеле толку и толку… Имаше само отчет со објавени фотографии од украсите, коментари на градските татковци дека „Скопје е украсено како Лондон“ и слични…

Сега на градот му се случи најавата од новата градоначалничка дека за овогодишното украсување на градот ќе се потрошат само 30.000 евра, што како заложба за штедење беше за поздравување. Но, и штедењето како заложба требаше на соодветен начин да им се објасни на граѓаните во смисол дека не треба да се очекува раскош и мегаломанство туку скромност. Па, така, и елката не можеше да биде поголема, ќе нема огномет, ќе има помалку украси…

Градоначалничката Данела Арсовска требаше појасно да објасни зошто е одбран таков концепт на украсување, зошто е одбрана толку „мала“ елка… 

Кога тоа го нема, тогаш, неизбежно е да се случува она што се случува како коментари и реакции во јавноста и на социјални мрежи мотивирани од најразлични (партиски и слични) побуди. Па и тоа на главниот плоштад денеска да се поставува уште една елка, веројатно да се ублажат понижувачките коментари за веќе поставената „малата“ елка. А сето ова не му беше потребно на Скопје спроти пречекот на Новата 2024 година и можеше да се одбегне. Но…

За сето ова треба да се подзамислат и самите граѓани. Што сакаат, раскош и скапо украсување или поскромно и евтино? Барем нека се расчисти дилемата за следната Нова година. А до тогаш не е лошо вака силно да се фокусираме сите на другите проблеми кои ги има многу во градов.

Претходна вестРодители ги терале своите деца да питачат, добија кривична
Следна вестЗаврши рехабилитацијата на патот Битола – Меџитлија