Со почит кон хероите Скопје го слави Денот на ослободувањето

Со положување цвеќе пред Споменикот на ослободителите на Скопје и на Партизанските гробишта во Бутел, на гробот на генерал Михајло Апостолски, како и со културни и спортски манифестации, денеска ќе се одбележи 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје. Ќе се оддава почит кон сите херои кои го издејствуваа ослободувањето на главниот град на Македонија од фашистичката окупација во 1944 година.

Собраниска делегација, владина делегација ќе положат цвеќе на Градските гробишта „Бутел“ и на споменикот Ослободители на Скопје, на платото пред Владата.

И Градот Скопје овој значаен ден ќе го одбележи со богата програма. Денеска градоначалничката Данела Арсовска ќе прими делегација од подмладокот на Градскиот одбор на Сојузот на борци, а ќе биде положено свежо цвеќе пред Споменикот на ослободителите на Скопје на Градските гробишта Бутел и на гробот на Михајло Апостолски, во алејата на заслужните, исто така на градските гробишта Бутел.

Во 13:30 часот во Музејот на Старата скопска чаршија во Сули ан е изложбата „80 години од смртта на Цветан Димов“, а во 14:30 часот во Музејот на илегалните работилници за изработка на оружје во Скопје за време на НОБ е проекцијата на документарниот филм „Непобедени“ на тема од НОБ, во продукција на РТС од 1985 година. Попладне, во 17 часот во Македонската филхармонија започнува фестивалот за деца „Златно славејче“, а одбележувањето се заокружува со свеченото доделување на највисокото признание – наградата „13 Ноември“, проследено со програма во Македонска опера и балет, со почеток во 19 часот.

Детскиот културен центар „Карпош“ и година традиционално ја организира манифестацијата „Го градам мојот град 2022“, на која учествуваат децата од предучилишните установи. Оваа манифестација има за цел да ги истакне детските творечки способности и креативност и да ги запознае децата колку големо значење има празникот 13 Ноември за Град Скопје. Годинава манифестацијата ќе се одржи во виртуелно издание.

По повод празникот 13 Ноември е најавена улична трка поради што  од 16:30 до 19 часот поголем дел од линиите од јавниот превоз ќе имаат изменет режим на сообраќање од вообичаениот. Трасите на движење се објавени на веб-страницата на ЈСП „Скопје“ и на нивниот Фејсбук.

Сето ова е во чест на борците од 42. и 50. Народнослободителна дивизија на македонската војска и 16. Македонска бригада кои на 13 ноември 1944 година, го ослободија Скопје од фашистичка окупација. Битката за ослободување на Скопје претставувала сложена операција, бидејќи за да биде успешна, од голема важност биле успесите на бригадите во битките во другите градови, со крајна цел да се поврзат 50-та дивизија, која била во реонот на Штип, и 42-та дивизија, која била на Сува Гора, за да можат заедно да нападнат во Скопје. Педесеттата дивизија незначително задоцнила (еден ден) на позицијата за нивно спојување, а тоа бил реонот на Велес. Нивното доцнење се должело на силниот отпор што го дале Германците во реонот на Штип. Со вакви предуслови, ослободувањето на Скопје останало да се изврши со пешадија и улични борби, кои зависеле исклучиво од храброста и моралот на македонските војници. Во борбите за Скопје биле заробени голем број Германци, како и нивното вооружување.

Четириесет и втората дивизија направила марш до селото Количани (јужно од Скопје), каде што стигнала истата вечер. Педесеттата дивизија и 8-та бригада на 42-та дивизија направиле краток продор кон Скопје, за да се притиснат германските позиции кон Катланово.

Утрото на 12 ноември почнале првите борби во самиот град, на неговата јужна страна. Овие напади ги извршила 42-та дивизија, додека паралелно со неа од правецот на Кисела Вода, со силен напад, влегла Третата македонска ударна бригада, заземајќи стратегиски згради и потиснувајќи ги Германците, кои се прегрупирале во веќе запоседнати згради во центарот на градот. Истиот ден (12 ноември), македонските борци биле стигнати до самите згради, крај кејот на Вардар. Делови од Дванаесеттата и Третата македонска ударна бригада ја блокирале железничката станица и почнале борба за самата зграда, како и за Кранговата палата (која се наоѓала во нејзината близина). Главнината на Дванаесеттата македонска ударна бригада ги нападнала зградите на Учителската школа и Поштата.

Во овие улични борби значајна улога одиграла скопската младина, која веднаш странично ги нападнала сите утврдени германски позиции и ги водела македонските борци до сите за нив добропознати германски упоришта низ градот. Педесеттата дивизија и осмата бригада со извесно задоцнување, претпладнето на 12 ноември, почнале напад на германската одбрана во источниот дел од градот (реонот на Гази Баба и индустриската зона).

Паралелно со нив, во текот на 11 и 12 ноември, Шеснаесеттата македонска ударна бригада, ги нападнала албанските балистички групи на Скопска Црна Гора, а во попладневните часови веќе ги напаѓала касарните во кои биле сместени германските војски. Германските сили што биле стационирани во северниот и северно-источниот дел на градот успеале да се извлечат од градот и да се упатат кон Качаничка Клисура. Најсилни упоришта на Германците останале Учителската школа и Поштата, кои доцна во ноќта на 13 ноември биле заземени од страна на македонските борци. Во Учителската школа биле заробени 86 германски војници. Целата ноќ од 13 кон 14 ноември, како и целиот 14 ноември, се вршени чистки на целиот терен од преостанати германски единици.

Битката за Скопје била извршена со голем успех, бидејќи биле спасени сите мостови во градот и успеале да ги обезбедат и зградите што биле веќе минирани. Германските единици успеале да ги срушат железничките мостови во Скопје и денешната населба Ѓорче Петров, едно крило од зградата на железничката станица, а нешто подоцна од непронајдена мина била оштетена и зградата на Народната банка.

Откако Скопје било заземено од македонските партизани, утрото на 14 ноември биле продолжени чистките на непријателот. Четириесет и втората дивизија на Шеснаесеттата македонска ударна бригада се дала во потера кон последните германски сили што се повлекувале во правецот Скопје – Качаник, а друга бригада по долината на Вардар кон Хромовите рудници на Радуша, додека 50-та дивизија ги гонела кон правецот Скопје – Групчин – Тетово. Најжестоки судири на 14 ноември се одиграле на линијата на селата Орман, Ново Село, Оризари, Глумово и Матка. На овие позиции албанските балисти заедно со Германците извршиле неколку противнапади. Македонската војска успеала да ги издржи сите нивни напади и да продолжи да ги протерува во правците кон Качаник и Тетово

Претходна вестПроменливо облачно со попладневен краткотраен дожд
Следна вестПоради атлетска трка денеска посебен режим на сообраќај во Скопје