Скопје го слави ослободувањето, Шилегов: 4.654 скопјани беа жртви на фашистичкиот терор

Скопје денеска го слави денот на своето ослободување од фашизмот. Делегации од Македонија и од странство положија цвеќиња пред Споменикот на ослободителите, на платото пред Владата, во чест на 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје. Цвеќиња денеска положи и делегација на Град Скопје, предводена од градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

-На овој голем ден ги славиме храброста и пожртвуваноста на ослободителите на Скопје, на овој голем ден ја славиме слободата. Слободата која што ја извојувавте вие, ценети наши ослободители, жртвувајќи ги својата младост, своите животи, за да можеме сите ние денес слободно да живееме. Вие најдобро од сите нас знаете дека борбата за слобода не е лесна и колку многу е потребно да се освои најголемиот човечки идеал – слободата. Орце Николов, Вера Јоциќ, Цветан Димов, Раде Јовчевски Корчагин, Александар Урдаревски, Страшо Пинџур, Мирче Ацев, Дане Крапчев, Боро Петрушевски, се само дел од многуте борци кои ги положиле своите животи за нашата подобра иднина и за слободата на нашето Скопје, посочи Шилегов.

Тој додаде дека во текот на војната животите ги загубиле 4.654 граѓани на Скопје, од кои 956 во борбите, а 3.698 како жртви на фашистичкиот терор и потсети дека Скопје го загуби и речиси целото свое еврејско население како последица на холокаустот.

-Ова се бројки коишто во душата на еден човек раѓаат и тага, но во исто време и измешано чувство со гордост, ова се бројки за една изгубена заедница и дел од шареноликоста на овој град, толку карактеристична како ретко кој град во светот. Меѓутоа ова се бројки коишто непобитно кажуваат дека сме ја достигнале кулминацијата во борбата за нашата самостојност, нашата независност, нашата посебност како народ. Вековна борба на еден мал, горд, упорен, достоинствен македонски народ да ја круниса сопствената државност и токму заради тоа, ние сме горди на нашата историја, и токму заради тоа ние немаме комплекси од нашата историја, и заради тоа што немаме комплекси од нашата историја не сакаме да исправаме ничии други истории, меѓутоа не дозволуваме никој да ја исправа нашата историја. Ние сме покажале дека како народ сме имале основно чувство да бидеме на вистинската, слободарската страна кога целиот свет бил зафатен од лудилото на фашизмот, рече Шилегов.

 

Претходна вестУнија на медицински сестри: Ризично е неискусни ученици да се стават во жаришта на пандемијата
Следна вестШилегов предлага новиот мост во Аеродром да го носи името на генералот Михајло Апостолски