Многу кусо можам да го опишам денешното Скопје: град во кој најлесно и на прва се препознава кичот и нечистотијата, вели Новковска
За Благица Новковска, универзитетска професорка и поранешна директорка на Државниот завод за статистика некогаш архитектонски уникатниот град е претворен во обезличена средина.
Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики ви се појавуваат?
– Скопје и мислите за него се потсетување на еден град кој долго време беше неспоредлив со другите градови поради својата архитектонска уникатност, позитивниот дух на неговите жители, како и шармот на новото вклопено во старото. Скопје,препознатлив по мирисот на липитe на пролет, изгор летата, жолтата и магична скопска есен, кочан зимите. Град инспирација. И секогаш, дури и Денес кога Скопје станува споредлив со многу други и ја губи својата посебност, за да си ги зачувам убавите мисли за Скопје доволно е да се сетам на најубавите песни испеани за него и
да се почувствувам подобро, па да помислам дека има надеж дека Скопје ќе нуди убави спомени и за новите генерации. Кога ќе се каже Скопје и како јас го познавав и препознавав, најдобро одговара описот што го има дадено легендарниот архитект Богдан Богдановиќ кој во едно интервју во 2008 ќе каже Скопје е град-личност.
Кое Скопје го сакате повеќе, ова сега или тоа од порано?
– Без дилема, Скопје од порано, кога Скопје беше град кој имаше свој идентитет. Денешното Скопје сe повеќе ми заличува на голем трговски центар кој нуди многу шаренило, навидум брендирано, иако на секој чекор се препознаваат копиите. Скопје ја изгуби својата автентичност и шарм. Ниту липите мирисаат како порано (а и сe помалку ги има) ниту есента повеќе е убаво жолта и магична. Сега го имаме Скопје со изгорлета, магливи и ладни зими и нечистотија во секоја сезона. Многу кусо можам да го опишам денешното Скопје како: град во кој најлесно и на прва се препознава кичот и не чистотијата. Тие што го сакаат Скопје ќе препознаат и опишат и зачувани и нови убавини на Скопје, но за жал,тие се многу помалку на број од грдите промени кои му се случуваат на градот.
Дали Вие доволно му дадовте на градот?
– Со својот однос кон градот, му ја дадов својата почит и поддршка да остане добра личност. Но, Скопје заслужува постојана почит од сите негови жители, но и од намерниците кои накратко ќе гостуваат во него. Таа почит треба да му овозможи на Скопје да биде чист, убав град. На секое свое патување и средби низ светот раскажував за Скопје и за неговата уникатност. Без исклучок, насекаде во светот кога ќе кажев дека сум од Скопје, првиот коментар беше дека знаат за градот по
земјотресот од 1963 година. И секако, за тоа колку светот му помогна на Скопје со својата хуманост да се во зобно ви, изгради, да продолжи да се развива, расте, созрева. Никогаш не е доволно тоа што му го даваме на Скопје, како индивидуи. Мора да развиваме колективна позитивна и хумана посветеност кон развојот на Скопје .
Со што најмногу се гордеете во Скопје?
– Со можностите кои им ги дава на сите, што е отворен град. Се гордеам со позитивниот дух на оние скопјани кои се уште се посветени на целта Скопје да биде пристојно место за живеење. Се гордеам со нивниот ентузијазам за повеќе зеленило, за намалување на загаденоста, за менување на лошите навики на несовесните граѓани.
Преголемо ли е Скопје за вас, треба ли да расте или да се намали?
– Скопје е неплански предимензиониран град, и со тоа најмногу ја изгуби својата посебност. Со сигурност многу институции и активности треба да се пренесат во други делови од земјата. Со непланското градење му се одзема слободата на Скопје да дише, а на скопјани можноста да се чувствуваат пристојно во своето место на живеење.
Што ви недостасува во градот, а што би одзеле?
– Ми недостасуваат: повеќе зеленило, чистота и подобра инфраструктура. Ми недостасуваат убави уметнички доживувања кои ќе им понудат на младите скопјани вистински уметнички вредности. Ми недостасува посилна поддршка од градот за вистинската уметност, за уметниците да му возвратат на најдобар можен начин. Би го одзела сиот кич кој го има насекаде низ градот. Тоа ќе биде доволно за да му се врати посебноста на Скопје и можноста да се развива како метропола.
Во какво Скопје сакате да живеете?
– Во автентично Скопје со идентитет. Би сакала да живеам во град личност