Главниот град на Македонија станува светска метропола. На секое „пола метро“ има некоја зграда, улица…
Бетонот ли го прави Скопје метропола? Дали можеби фалат други работи?
Да, погодувате – зборот ни е дека Скопје пребрзо расте, малку во ширина, малку повеќе во висина со многукатни згради. И воедно, во градот премногу се згуснуваат зградите на сметка на зеленилото и широкиот – отворен животен простор.
Дали тоа е издржливо за постојната градска инфраструктура? И конечно, дали сетиот тој бетонски хаос е издржлив за скопјани?
Редно е веќе надлежните, и од градското и од централното ниво, на овие прашања да дадат одговори. И што е уште поважно, потоа, да реагираат соодветно.
Зарем прашањето за функционалноста на Скопје ќе биде оставено да се движи според досегашното искуство – без правила. Зарем не треба да се донесе план и да се воведе ред?
Доволно е само да се погледне на скопските крстосници за да се види дека сообраќајниот шпиц – хаос во Скопје трае цел ден. Порано такво нешто беше присутно само наутро и попладне кога луѓето се враќаат од работа. Впрочем и статистичките податоци укажуваат дека последниве години број на новонаселени граѓани во Скопје се движи околу три илјади годишно и дека расте. Едноставно, за десетина години, во градот ќе имаме новодоселени околу 30.000 нови жители, практично цел еден град. А да не споменуваме дека има и жители на Скопје кои и не се регистрирани дека живеат во главниот град. Градот сега веќе има скоро 700.000 жители, а се верува дека се и уште повеќе. Проценка е дека во градот веќе има „вишок“ од околу 150.000 жители кои не може да ги издржи постоечката инфраструктура – улици, канализација, водовод…
Јавноста уште чека да се подготви новиот ГУП на Скопје. А, беше најавено дека ќе почне да важи во период од 2022 до 2032 година.
Зошто е така? Зошто не се организираат јавни расправи и дебати со стручни лица – урбанисти, архитекти, активисти… – за да и тие бидат вклучени во креирањето на најважниот план за Скопје?
Ако ова не се средува, Скопје нема да биде нити „пола“ од метропола.