Колумна на Владимир Величковски:
Земјата се претвора во судница на меѓусебни обвинувања и омраза, во земја на изместени вредности и рекордна неписменост (особено во ликовната уметност) во која егзистира висока школа за неправда, вклучително за лажење и крадење. Во неа рано се дознава за грдата опачина на човековата природа во која нема место за достоинство. Не постои „заедничко просветлување“ и “заедничка обнова“ туку индивидуална. Зошто еднаш не погледнеме во себе и прво да го исчистиме сопствениот двор?! Станавме светски лидери во корупција и лесно потплатливи луѓе: тука се купуваат и луѓе и деца.
Еко пустошот и архитектонско-урбанистичкиот крш на Скопје, втемелен во „Скопје 2014“ се пресели делумно во околината на Скопје, а делува и на другите, растурени македонски градови. И во нив е нагласен контрастот меѓу стариот дел и новите згради со разни несреќни решенија и односи. Секој град има свои посебности и развој, а за некаков културен живот може да се зборува само во ограничена смисла. Сочувни се вредни споменички дела, на тема НОВ и Илинден подигнати на автентични локации (а тоа не е случај со „монументите“ од „Скопје 2014“. Меѓу бројните натрупани објекти во Скопје се најдоа и повеќе црквички од време кога преовладува религијата на партијата, материјалистички изразена.
И тука е задушливо! Крушево го има Македониумот од Ј. Грабул, мурал од Б. Лазески, Прилеп го има познатиот споменик од Б. Богдановиќ и колекции на скулптури во мермер и дрво. Велес при влезот се препознава со споменикот и мозаиците на Петар Мазев, Г. Чемерски е автор на споменичниот комплекс во Кочани, а со извонредни дела може да се пофалат и Куманово, Штип, Битола, како и други градови со дела создадени во првиот бран на споменикоманијата од педесетите години на 20-тиот век. Се до поново време. Би ги спомнал и Гостивар , како и Тетово, градот под Шара, со загаденоста на средината и еко-нарушувањата. Токму тука веќе создадената партија се најави со својата зелена агенда која секако нема да успее да ја „поправи“ природата но може да земе европски пари. Уште потажно што се уште не дознавме каде се фрлени телата на бранителите од 2001 година, под која зелена трева? Охрид е уништен град во кој се рушат само еден дел од дивоградби на езерото, а веќе се подигнувале нови. Каква е оваа земја?! Тука не се виновни само неуките политичари, туку и „интелектуалците“ кои, исто така, водат и сметка исклучиво за својот личен интерес.
Секоја власт има свои платени советници кои ништо добро не направија како и архитектите итн. Историчарите се збунети, нивните ставови се мешаат со оние од политиката, потфрламе во одбрана на идентитетските прашања! Медиумската меѓупартиска комуникација е на најниско ниво. Тоа е старо-нов жанр на дилетентска глума во која едни се смешни против својата волја, а помал број се смешни само кога сакаат. Сите, за истото, школски веруваат дека само тие се во право, заборавајќи колку лошо направиле во минатото. Србија направи (со вакцините) прв гест на пријателство а тие што ни се обраќаат со „браќа Македонци“ се подли и двосмислени.