Утре започнува скринингот на учениците во девет средни училишта во Скопје, при што во текот на утрешниот ден ќе се тестираат 258 средношколци.
Скринингот во државата понатаму продолжува во Кривогаштани, Берово, Вевчани, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Зрновци, Конче, Лозово, Могила, Новаци, Пехчево, Старо Нагоричане и Центар Жупа.
Тестирањето на учениците ќе се спроведува во просторија одредена од страна на училиштето, а тестирањето ќе трае помалку од една минута. Истото е безболно и безбедно, со земање на брис од грло и од носна шуплина.
Целта на скринингот, велат од Министерството за здравство, е рано детектирање и евентуално пронаоѓање на асимптоматски носители на вирусот ковид 19 помеѓу учениците. Со релевантните податоци ќе се добие целосна слика на трансмисија на вирусот во училиштата, во интерес на децата.
За спроведување на скринингот во претходниот период се обезбедуваа согласности од родителите. Од МЗ апелираат на поддршка од родителите и старателите, потенцирајќи дека скринигот ќе обезбеди безбедно одвивање на наставата и заштита на здравјето на децата.