Во Македонија се градат станови во голем број. Особено во Скопје, Охрид… Расте бројот на згради, расте и цената на становите.
За разлика од кај нас, има различни – значителни поместувања на пазарите за недвижности во европски земји. Во Германија деновиве беше објавено дека ќе се стимулира станбената изградба во ситуација кога во оваа земја значително поевтинуваат цените на становите и куќите. Канцеларот Олаф Шолц вчера најави обезбедување на околу 45 милијарди евра за изградба на 400.000 нови станови годишно.
-Во Германија мораме да изградиме повисоки станови кои се достапни, а тоа значи дека активноста во секторот за домување мора значително да се зголеми, рече Шолц.
Сето ова се случува во ситуација откако во Германија беше објавено дека цените на недвижнините во оваа земја паднаа во периодот од април до јуни за 9,9 отсто во споредба со истиот период минатата година, што е најмногу откако почнаа да се собираат податоци во 2000 година. Во градовите како Берлин, Хамбург и Минхен становите биле поевтини за 9,8 отсто од вториот квартал од минатата година, а семејните куќи за 12,6 отсто. Поблаг пад на цените е забележан во ретко населените рурални средини, па становите поевтинија за 7,0 отсто, а семејните куќи за 8,1 отсто. А главна причина за ова намалување е слабеењето на побарувачката под притисок на високите каматни стапки.
Во Хрватска цените на недвижностите се уште растат, но не и побарувачката.
-Поради скапата нова градба, но и нереално високите цени на користените станови, прометот со недвижности бележи пад, пишува ХРТ.
Само во Загреб бројот на трансакции е намален за повеќе од 20 отсто, па експертите предупредуваат на потребата од корекција на цените на недвижностите.
– Имаме се поголема неусогласеност меѓу бараните и реализираните цени, тоа е показател дека бараните цени се превисоки, апелираме пред се до сопствениците на користени станови да ги намалат своите очекувања бидејќи бележиме пад на прометот од 25 проценти од почетокот на оваа година, изјави агентот за недвижности Лана Михаљинец.
Речиси секој четврти недвижен имот во Хрватска го купуваат странци, но дури и тие почнаа да успоруваат во купувањето.
Сето ова го отвора прашањето дали е можна корекција, односно, намалувањето на цените на становите и на македонскиот пазар. Споредено со 2020-та година тие цени се значително зголемени. Ако пред три години најниската процечна цена за станбениот квадрат во Македонија беше 600 евра, а највисоката 1.600 евра годинава е многу поскапа: најниската е 1.000 евра, а највисоката 2.400 евра.
Инвеститорите и градежниците имаат објаснување за големите поскапувања во фактот дека побарувачката е голема, дека поскапеле градежните мататеријали…
-Има и намалување на издадени одобренија за градба во земјава чиј број се намалува од 2020-та година. Имаше мораториуми за градба во некои општини, не се носат Детални урбанистички планови…, изјави неодамна Андреа Серафимовски, претседател на Групацијата за градежништво при Стопанската комора на Македонија.
Од друга страна граѓаните сметаат дека многу од цените се нереални.
-Градежниците и инвеститорите претеруваат со цените. Тоа за некој месец ќе престане, се заситува пазарот, скапи се кредитите, а и народот се иселува. Ќе има многу празни станови кои сопствениците ќе нема кого да му ги изнајмат, или може си мислат со туристи ќе ги полнат?, ни коментира скопјанец.
Очигледно, побарувачката и понудата, коишто во Германија и во Хрватска почнаа да си предизвикуваат намалување на цените, и натаму ја диктираат цената на станбениот простор во Македонија. До кога тоа ќе трае ќе се види во наредниве месеци…