Одамна е јасно дека Македонија има демографски проблем. Градовите стануваат села, селата одумираат, така е барем ако се гледа бројот на жители. Покрај засиленото иселување, за ова во последните години, придонесува и негативниот природен прираст, односно поголемиот број на умрени од родени.
Тоа се потврдува и со последните податоци на Државниот завод за статистика, според кои во третото тримесечје од 2022 година, биле родени 4956 деца и во споредба со истиот период од претходната година нивниот број е намален за 3 проценти.
Сепак, позитивен е прирoдниот прираст во градот Скопје каде биле родени 1663, а починале 1458, па така бројот на жители по природен пат бил зголемен за 205 лица. Сето тоа е затоа што прирастот е голем во Чаир и Сарај.
Во Аеродром имаме 4 лица повеќе родени од умрени, а во Чаир и Сарај тој број изнесува 108 односно 140. За разлика од овие, општината Карпош има 41, Гази Баба 33, Ѓорче Петров 30 и Кисела Вода 28 лица повеќе умрени од родени.
Инаку, со негативни трендови особено се погодени помалите општини, како на пример Зрновци каде во три месеци се родиле 3 лица, а умреле 5 лица. Во општината Кривогаштани имало трипати повеќе умрени од родени, односно 9 родени и 26 починати лица. Три пати повеќе умрени од родени има и не така малата општина Ново Село, таму во последните три месеци се родиле десет, а починале 31 лице.
Податоците се загрижувачки и во најголемите општини како Битола каде негативниот природен прираст изнесува 107 лица и Прилеп 83 лица.
Штркот по се изгледа ги заборавил поголемиот број на општини во Македонија, а нема најава дека и во иднина ќе слета. Така е барем ако се видат и најновите податоци за бројот на склучени бракови каде што исто така има намалување. Според податоците на Државниот завод за статистика, во ова тримесечје од годината склучени се 4 614 бракови и нивниот број е намален за 5.1 проценти во споредба со истиот период од 2021 година.
Сето ова загрижува, особено што сите кажуваме дека иднината е на младите, на децата… епа без бебиња, каква е иднината на Македонија?