Приватните превозници со блокада на „Илинденска“, сепак оставија место за проток

smart

Со протестна блокада на скопскиот булевар „Илинден“ утринава почнаа приватните автобуски превозници од здруженијата „Слобода превоз“ и „Макекспрес“. Наспроти вчерашните најави дека ќе се блокираат двете десни ленти кои водат кон Карпош, превозниците решија со околу 200 автобуси да ги блокираат само десните коловозни ленти во двете насоки. Со тоа беше овозможено движењето на возилата на граѓаните од и кон центарот на градот.

Превозниците се незадоволни бидејќи градските власти одбиваат да им ги исплатат побарувањата коишто ги имаат од ЈСП „Скопје“ за одржување на повеќе градски линии. Поради тоа, тие најавуваат дека од понеделник протетсите ќе се интензивираат.

–Ова е најава од приватните превозници дека можеби уште повеќе ќе се засилат и радикализираат протестите. Нервозата расте, загрижени се, ги пратат изјавите и состојбата е многу напната, затоа апелираме до сите институции, дури и државните, да се вклучат како медијатори во решавање на овој проблем, со цел оваа ситуација да не ескалира, апелираше директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски.

Најавено е дека блокадата може да продолжи и во текот на викендот доколку не се слушнат барањата на приватните превозници, а доколку не се постигне договор, од понеделник ќе има целосна сообраќајна блокада на крстосницата кај „Мавровка“, „Црвен Крст“ и улицата „Илинденска“.

Од Град Скопје вчера соопштија дека го прекинуваат договорот со приватните превозници од „Слобода превоз“ поради неисполнување на обврски што произлегуваат од договорот. Од Градот апелираа до превозниците да ја ревидираат одлуката за блокада на Скопје, бидејќи, како што велат, со тоа нема да постигнат решение за проблемот.

Претходна вестЗапленети 2.100 лажни часовници наменети за Македонија, да биле оригинали би вределе176 милиони евра
Следна вестСлабо се слуша плач на бебиња во Карпош, Гази Баба, Ѓорче Петров…