Слонови прегазиле автомобил откако возачот удрил во слонче

Стадо диви слонови прегазиле возило на автопат во Малезија, откако возач со својот автомобил удрил во слонче, соопштија вчера локалните власти. Во автомобилот биле возачот, 48-годишен маж, неговата сопруга и 23-годишниот син. Семејството во неделата возело по главниот автопат од островот Пенанг до североисточната крајбрежна држава Теренгану, кога удрило во слон во 19:35 часот по локално време, пишува „Си-Ен-Ен“.

Властите велат дека во моментот на инцидентот имало дожд и магла. – Автомобилот удри во млад слон што минуваше покрај патот со стадо, рече Зулкифли Махмуд, началник на полицијата во округот Герик. Од ударот младенчето паднало на земја.

– Кога другите пет слонови од стадото го видоа ова, се упатија кон автомобилот и почнаа да го газат. Ја напуштија областа дури откако младенчето се врати на нозе, рече Махмуд.

Полицијата не прецизираше дали членовите на семејството биле во возилото за време на нападот на слоновите или успеале да побегнат, но во полициското соопштение не се наведува дека има загинати или сериозно повреди.

На фотографиите се гледаат големи оштетувања на предните и страничните делови на возилото и скршени стакла. Поради брзиот развој на автопатиштата во Малезија, дивите слонови низ полуостровот често доаѓаат на патот за да преминат во друга област во потрага по храна. На многу автопати се поставени табли за предупредување на возачите на слонови кои минуваат, особено на северот од земјата.

Претходна вестКовачевски: По 1.200 и 1.800 денари за 105.000 ученици секој месец, за пензионери од 1.500 до 3.000 денари…
Следна вестИ Летонија, Литванија и Естонија не доаѓаат на Самитот на ОБСЕ во Скопје