Договор за јавно приватно партнерство со кој отпадот по градот ќе го собира и транспортира до регионална депонија австриската фирма Саубермахер потпиша денеска Општина Тетово. Тоа е меѓународна компанија чија примарна дејност е управување и рециклирање на отпад со седиште во Фелдкирхен, во близина на Грац и има повеќе од 3.600 вработени во седум земји. Договорот е потпишан со словенечката компанија од оваа групација. Финасиските апсекти на договорот не се соопштени.
-Само во Словенија оваа групација управува со 50 општини кои во многу меѓународни извештаи се именувани како најчисти и најмалку загадени градови. Она што го ветивме на почетокот на мандатот, дека ќе работиме за чисто Тетово без смет, го правиме реалност. И тоа благодарение на работата и посветеноста на тимот експерти ангажиран од општината. Заедно со тимот на групацијата “Саубермахер”, направени се анализи и студии во однос на управувањето со отпадот, негово собирање и депонирање. Должностите и обврските се веќе во согласност со договорот на кој се обврзаа двете страни. ЈПП обезбедува сеопфатни решенија и е изградено според словенечкиот модел кој се покажал многу успешен во сите градови, рече градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами.
Од словенечката компанија изјавија дека менаџирањето со отпадот во Тетово за нив е предизвик.
-Како што работиме во многу градови и во многу земји, така ќе работиме и во Тетово, за овој град да застане рамо до рамо со најчистите и најразвиени градови. “Саубермахер” има многу долга традиција и искуство во управувањето со отпадот во општините, создавајќи многу подобри услови за граѓаните. Одговорностите и обврските кои произлегуваат од овој договор ќе бидат целосно исполнети и наскоро ќе видите еден поинаков град, со чисти улици, рече Андреас Опелт од словенечка компанија на групацијата Саубермахер.
Постоечкото јавно претпријатие ЈКП Тетово се трансформира и дел од вработените ќе преминат во нововоспоставената компанија.