Невидена снежна бура ја покри Норвешка, а во главниот град Осло предизвика хаос во транспортот.
– Жал ни е, ова е хаос. Надвор е минус 10, но тоа не е проблемот. Падна толку многу снег што немаа време да го расчистат. Вака никогаш не било, минатата недела беше -25. Беше тотален колапс, луѓето се евакуирани од метроата, снема струја во делови од градот, изјави за 24сата.хр една Хрватка која живее во Осло.
Таа вели дека едвај стигнала на работа и дека некои луѓе останале заглавени во нивните куќи бидејќи снегот им ги затрупал вратите па морале да излезат низ прозорците.
Сите автобуси во центарот на Осло се откажани, а останатиот дел од јавната транспортна мрежа на норвешкиот главен град е погоден од големи проблеми поради снежното невреме.
– Голем дел од јавниот превоз е зафатен од снежното време. Ова води до одложувања и откажувања на неколку линии. Ви препорачуваме да не патувате денес. Ако сепак треба да патувате, ве охрабруваме да планирате однапред и да го проверите планерот за патување, напиша транспортната мрежа својата веб-страница во средата.
Со големи проблеми се соочија и градските линии на трамвај и метро.