Собранието синоќа со 62 гласа „за“ и ниту еден глас „против“ ги разреши министрите за здравство и за информатичко општество и администрација Фатмир Меџити и Азир Алиу. На гласањето не присуствуваа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Меџити и Алиу се разрешени по предлог на техничкиот премиер Талат Џафери кој од собраниската говорница образложувајќи го предлогот за разрешување рече дека според законот, не може да има два опозициски субјекта во состав на Владата и дека тоа е основната причина зошто е предложено разрешувањето на двајцата министри.
– Воопшто не станува збор за нивната стручност и професионалност кон што имам исклучителна почит, рече Џафери.
Разрешувањето на двајцата министри уследи по расколот во Алијанса за Албанците откако актуелниот претседател на партијата Арбен Таравари побара поддршка од членството за коалиција со албанскиот опозициски блок на претстојните избори, со што не се согласува претседателот на Централното собрание Зијадин Села.
За нов министер за здравство е предложен актуелниот директор на Клиничката болница во Тетово, Илир Демири, а за министер за информатичко општество и администрација Наим Бајрами.
Пред гласањето вечерва се обрати министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу кој изнесе повеќе информации за опструкции што ги имал, како што рече, од страна на ДУИ, но и за тоа што се случувало изминатата недела по објавувањето на информацијата дека Алијанса на Албаците ќе ја поддржи опозицијата. Ние, потенцира Алиу, уште кога влеговме во Владата кажавме дека ќе бидеме опозиција во Владата и се гордееме со тоа.
Тој го обвини министерот за политички систем од редовите на ДУИ Артан Груби дека ги носел одлуките за разрешување на кадрите на Алијансата на Албанците кои не ја поддржувале ДУИ.
-На 5 февруари 2024 знаете ли која беше првата одлука на Артан Груби? – Разрешување на лицата од Алијанса за Албанците. Истиот ден тие почнаа да ги разрешуваат членовите на АА каде што биле вработени. Во вторникот одиме на Влада, влегува премиерот, од неговата лева страна седи Артан Груби и гледаме дека на дневен ред има уште двајца директори од АА и после денеска сме петок и сме тука за разрешување на двајца министри, рече Алиу.
До вчера, рече Алиу, се зборуваше дека ДУИ ги контролира албанските партии, но денеска се гледа дека ДУИ ги контролира и отворено тие одлучуваат кој ќе биде министер во една друга партија, но тоа е пуч.
Координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбер Адеми му реплицираше на Алиу, но и на пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ велејќи дека жали што опозицијата си оди од салата и дека исто така верува дека и на 8 мај ќе бегаат.
– ВМРО-ДПМНЕ го реализира планот за раскол. Тие зборуваат за спам, за меил, фолдер, акаунт, додека на нив одамна им е изгорен хардискот, рече Адеми.