Загружувачко, бројката на починати од корона вирусот во Македонија вчера се искачи на 9.001 лице. Ова е поразителен податок особено ако се знае дека нашата земја е на петто место во светот според смртноста на една милион жители. Заклучно со вчера, во Македонија бројот на починати на еден милион жители изнесува 4.321 лице. Полош просек од нас имаат само Перу – 6.242 починати, Бугарија – 5.171, БИХ – 4.746 и Унгарија – 4.569 лица.
Зошто дојде до ова? Каде е проблемот и што треба да се поправи?
Македонските здравствени власти од самиот почеток на пандемијата објаснуваат дека високата бројка на починати се должи на постоење и на други заболувања кај инфицирани пациенти. Ветуваа и посериозни истражувања, но резултати од тоа не беа конкретно презентирани. Новиот претседател на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски дури кажа дека голем дел на високата смртност од Ковид-19 се должи на нашето запоставено здравје.
-Во ниеден контекст не можам да кажам дека зголемената смртност од Ковид-19 е резултат на непочитување на протоколите. Да, има земји со пониски бројки, но тие земји имаат многу различна здравствена култура од нас. Мислам дека голем дел на високата смртност се должи на нашето запоставено здравје, рече Петличковски.
Од друга страна, Комисијата најави дека ќе се прави посебна анализа на починати.
– Долго време се разговараше на темата дека во ковид евиденцијата се водат и починатите од друга болест или несреќен случај кај кои е посмртно докажан присуство на коронавирусот, а тоа може да биде и причина за големата смртност, и тоа е нешто за што ќе се отвори дискусија на Комисијата за заразни болести, напиша Мехмедовиќ.
Анализа во февруари најави и Институтот за јавно здравје со цел да се утврди кои се вистинските причини и зошто бројот на жртвите останува висок.
-Анализата треба да ја опфати секоја смртност, секој смртен случај од Ковид, придружните болести во детали и која е суштината од што починал човек, изјави тогаш Шабан Мемети, директор на ИЈЗ.
Од друга страна граѓаните но и некои од здравствените експерти укажуваа дека има лоши услови во болниците, дека нема единствен протокол, дека се користеа антибиотици во големи количини, дека не функционираше брзото тестирање па на болни им се закажуваше дури по неколку дена од појавата на симптоми, дека е слаба врската меѓу матичните лекари и болниците, дека…