Со Димитријевиќ во тимот, Македонија се надева на чудо во Литванија

Македонската кошаркарска репрезентација вечерва од 18:30 часот ќе гостува во Клаипеда, Литванија во меч од квалификациите за Европското првенство кое ќе се игра следната година. Пред само четири дена Македонија во Скопје загуби од Литванија со 82:67, но тогаш во нашот тим го немаше Ненад Димитријевиќ.

Најдобриот македонски кошаркар се приклучи на составот и ќе игра вечерва во Литванија, што дава дополнителен оптимизам кај селекторот Александар Јончевски.

„Верувам дека со Димитријевиќ работите ќе бидат подобри. Но ќе мораме да го смениме ставот, и да одиграме цел меч, ако сакаме подобар исход“ – вели нашиот селектор пред денешниот меч.

Димитријевиќ е во составот, но сега ог нема Кристијан Николов кој беше најдобар на првиот меч во Скопје, но мораше да биде ослободен поради клупски обврски.

Капитенот Војдан Стојановски вели дека пристапот кон играта треба да биде како во второто полувреме на дуелот кој се играше во СРЦ Кале.

„Знаеме како треба да одиграме, нешто налик на она што го одигравме во оние втори 20.минути од средбата во Скопје. Очекувам да одиграме квалитетно од првата минута и ќе се обидеме да одржиме ритам во текот на целиот меч, без некои преголеми осцилации. Она што е од исклучителна важност е скок-играта. Реално е дека не може да очекувате позитивен резултат ако имате дваесетина скокови помалку од противникот. Јасни се проблемите и лимитираноста во играта под рекетот. Но затоа високите играчи мора да добијат помош и од нас, од играчите од надворешната линија. Односно сите заедно повеќе да учествуваме во таа скок-игра. Ако го оствариме тоа, ќе биде одлично“ – смета капитенот на „црвено-жолтите“ кои во овој момент се во негативен скор, односно една победа и два порази по три одиграни кола.

Македонија и Литванија досега имаат одиграно три официјални натпревари, а интересно е дека нашата репрезентација на сите три постигнуваше по 67 поени. Прво ја победивме на ЕП 2011 со 67:65, потоа загубивме на ЕП 2013 со 75:67, а пред неколку дена бевме поразени и со 82:67 во овие квалификации.

Претходна вестПетрушевски: ЕСМ во 2017 година имаше 20 милиони евра на сметка, а во 2024 имаше минус од 80 милиони евра