Едноставно, треба да запре ова молење на Македонија за влез во ЕУ бидејќи и така целта им е во догледно време да нема проширување, смета Трајче Милошески
Се почестите објаснувања на ЕУ дека многу не сака нас жителите односно ја сака Македонија – ни ги топли срцата. Убаво е да си сакан. Ама поубаво е освен да ти кажат и да ти покажат дека си сакан, нели? Ама тоа покажувањето им оди некако послабо. Зошто е така?
Македонија неодамна пак доби уверување од ЕУ дека не ги затвора вратите за нови членки, ама не кажа и кога ќе бидат навистина отворени. Долго го чекавме неодамнешниот смит на ЕУ со земјите од Западен Балкан во Словенија, а се добија само старо – нови ветувања со кои во нашата земја треба да се одржува надеж дека власта не за џабе го промени уставното име на државата. Всушност, не се доби ниту надеж бидејќи ни нагрбачија и дека сега требало да се реши спорот со Бугарија иако ни велеа– сменете го името и сигурно сте дел од ЕУ. Зошто дојде до ваква ситуација?
-Нашата власт, но и опозиција, ги навикна дипломатите во Брисел дека тие – македонските политичари – ќе клечат пред вратите на ЕУ било што и да ни направат. Тие цело време повторуваат дека ЕУ е единствената перспектива за Македонија. Затоа и Брисел се однесува арогантно и без сенс за потребите на народот во оваа наша држава, вели скопјанецот Кристијан.
Досегашните примери упатуваат на заклучок дека на официјалните лица на ЕУ им е најлесно да решат: да се даде ново ветување со нов термин, а кога тој ќе дојде и ќе помине, да се даде нов! Македонските претставници, пак, тоа веднаш го прифаќаат, ќе дадат две-три изјави дека ЕУ е без алтернатива и ќе останат да чекаат.
Граѓаните во Македонија тоа веќе го забележуваат и реагираат да престане таковиот однос на постојано чекање и молење за прием.
-По се што се случува моето мислење за ЕУ е одамна избледено и несериозно. Едноставно, треба да запре ова молење на Македонија за влез во Европската унија бидјеќи и така целта им е во догледно време да нема проширување. Сценарио ќе биде слично како со Турција. Јас не би молел по никоја цена повеќе, ни вели граѓанинот Трајче Милошески.
Сега, нови очекувања за деблокада на почетокот на преговорите за членство се поместени за крајот на годината. Надежите се дека по изборите во Бугарија ќе има промени, но оттаму никој не дава сигнали за такво нешто. Тоа значи дека истата приказна може и тогаш да се повтори: да се подгрејуваат надежите, а потоа пак студен туш, и пак исти објаснувања дека многу не сакаат ама ете има „принудно“ одлагање на преговорите.
-Очигледно, ние не сме некој фактор кој би можел нешто да промени во ставот и постапките на ЕУ. На Европската унија ние не и требаме, а овој дел од Балканот мора да е нестабилен за да се случуваат црните бизниси. За жал, уште долго време ќе си играат со нас, смета Златко Билбилоски.
Дали наскоро ќе се промени недостоинственото однесување на македонските функционери ќе покаже времето. Односно, ќе има ли ново клечење и молење, а ЕУ ќе си лета во облаци.
Што станува со предлогот за укинување на ветото во ЕУ?
Од друга страна, ЕУ не се замара многу ниту со предлозите од сопствени редови кои би овозможиле надминување на проблемите каков што е бугарското вето за Македонија. Во јуни годинава германскиот министер за надворешни работи излезе со идеја да се укине едногласното носење одлуки во надворешната политика на ЕУ. Целта било целата ЕУ да не станува заложник на одделни земји и на нивните интереси. Ваквата идеја била дадена и од страна на Жан Клод Јункер кога тој беше на чело на Европската комисија во периодот од 2014 до 2019 година. Но, се остана на идеи…