Сите ние да го воспееме божествениот и верен Методија, и со љубов да го прославиме како велик пастир на Словените, и чесен служител на Света Троица, и прогонител на ересите, бидејќи за сите нас се моли непрестајно…, вака гласи дел од текстот кој денеска се чита по македонските цркви во слава на големиот сесловенски просветител Свети Методиј Солунски. Денеска се одбележуваат 1.139 години од неговото упокоение на 19 април 885 година во градот Нитра, по што тој останал во вечните народни спомени, како на македонскиот така и на другите словенски народи.
За него е познато дека е роден во 825 година во Солун и дека е постар брат на Константин Филозоф – Кирил. Тоа се двајцата сесловенски учители и просветители. Создавајќи ја првата словенска азбука, преведувајќи ги на словенски јазик најпотребните богослужбени книги, издигнувајќи еден македонски говор на прв словенски книжевен јазик и формирајќи силни следбеници, како што беа нивните ученици Климент Охридски, Наум, Константин Брегалнички и други словенски просветители, Кирил и Методиј станале најзаслужни за словенската просвета, богослужба и култура.
Токму родителите ги упатуваат своите деца во христијанството. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал десет години меѓу македонските Словени, по што станал монах. Константин, пак, своето образование го усовршил во Цариград во императорското Магнаурско училиште, каде, освен богословските науки, се изучувале и граматика, аритметика, географија, астрономија, а ги научил и јазиците – латински, еврејски и сириски.
Подоцна, двајцата солунски браќа почнуваат да добиваат тешки и одговорни задачи од страна на византискиот двор. Најпрво биле испратени во мисија кај Сарацените (Арапите) во Багдад, која како и Хазарската и Моравската мисија претставувале дел од политичката програма на Византија, чија основна цел е да ги христијанизираат другите народи на исток и север од Византија. Секако, клучна за нивната дејност била Моравската мисија. Тогашниот кнез на Велика Моравија, Ростислав, испратил молба до византискиот цар Михаил Трети овој да испрати, епископ и учител, кој ќе им објаснува на нивниот јазик за вистинската христијанска вера. Изборот паднал на светите браќа. За таа, но и за други потреби, по неколкугодишна дејност на браќата, а пред сè на Константин била создадена првата словенска азбука (855 г.), позната како глаголица. Во нејзината основа се поставени јужномакедонските говори од околината на градот Солун (од селата Сухо, Велика и Зарово). Со ова, глаголското писмо или глаголица е најстарата позната словенска азбука чие име доаѓа од старословенскиот збор глаголъ, што значи збор и која тогаш има 41 буква, но нивниот број малку варира во подоцнежните верзии.
И прво нешто што напишале со новите букви било Евангелието, односно, го превеле Светото писмо на старомакедонскиот словенски јазик со македонско наречје. Истовремено, тие избрале и достојни ученици и помошници и тргнале во Моравија каде биле пречекани со голема радост и со големи почести. Набргу потоа отвориле училиште, во кое ги подготвувале идните свештенослужители и учители за западните словенски народи.
Тука наишле на голем отпор од германски свештеници: обвинувани за ерес. Германските свештеници ги обвинувале солунските браќа затоа што службата ја изведувале на словенски јазик, тврдејќи дека Божјото слово треба да се проповеда само на три јазици: еврејскиот, грчкиот и латинскиот. Поради ваквите пречки во работата, Кирил и Методиј тргнале за Рим со намера лично пред папата да ја образложат својата дејност и да ги оспорат многуте клевети. На патот кон Рим минале низ Панонија (исто така, словенско кнежевство), каде што кнезот Коцел бил одушевен од нивната служба и посакал и во неговото кнежевство службата да се изведува на разбирлив словенски јазик.
Во Рим биле примени со големи почасти од папата Адријан Втори кој ги одобрил словенските богослужбени книги и наредил да бидат поставени во олтарот на црквата Санта Марија Маџоре и богослужби да се вршат на словенски јазик во три римски цркви. Кирил во Рим тешко се разболел и починал на 14 февруари 869 година. Методиј епохалното мисионерско дело меѓу западните Словени го продолжува сам со помош на своите ученици, кои во Рим биле ракоположени во свештенички чин. Методиј се вратил во Моравија и до смртта се потрудил на утврдувањето на Христовата вера меѓу Словените. Во последните две години од својот живот свети Методиј, со помош на двајца свои ученици, го превел на словенски јазик целиот Стар Завет, освен Макавејските книги, како и Номоканонот (Правилата на Светите Отци) и светоотечките книги (Патерикот). Тој почина во Нитра, 885 година, а беше погребан во столицата на Моравија, во Велеград, во соборната црква.
Неговите ученици се спуштија на југ во Македонија, каде што од Охрид продолжија да работат меѓу Словените на истото дело што го започнаа Методиј и Кирил на север.