Со пеење една иста песна со години се победува ли корупција?

Нови избори, но пак се слушаат деновиве стари рефрени од партиските табори. Ќе се правело ова, ќе се направело она… А рефрен на овие „песни“ некако пречесто им е „корупцијата ќе ја искорениме“.

Некогаш ја прават песната патриотска, некогаш микс од сите стилови, некогаш е проевропски марш… ама функционериве напињаат вратни жили, за сите да ги слушнеме.

Може сега и ќе засилат хорски со пеењето оти минатата година Европската комисија во својот Извештај за Македонија пак не потсети дека немало напредок во борбата против корупцијата.

-Не е постигнат напредок, ниту во борбата против корупцијата. И во овој дел земјата е меѓу одредено и умерено ниво на подготовка во превенцијата и борба против корупцијата. Корупцијата останува распространета во многу области и ова прашање е загрижувачко, беа, покрај другото, главните поенти во Извештајот.

Поранешниот премиер и лидер на владеачката партија Димитар Ковачевски неодамна рече дека корупцијата е присутна и дека таа ќе се надминува со продолжувањето на преговорите со ЕУ.

– Тоа не е лесен пат, меѓутоа најдобро е тој пат да го изодиме заедно со Унијата, низ процесот на преговори. Нашата програма ќе содржи конкретни мерки во делот на корупцијата и владеење на правото, порача тој.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, пак, кажува дека корупцијата е во пораст.

-Корупцијата и криминалот се во пораст и цветаат, зборувам за оној вистински криминал и оној политички криминал. И нема тоа како да не биде отсликано во еден ваков извештај на ЕУ за уназадување на Македонија, а не за напредокот. Колку побрзо се случат парламентарните избори, толку побргу Македонија ќе тргне и ќе зачекори на оние патеки кои што сите ние очекуваме да зачекори, изјавува Мицкоски.

Очигледно, корупцијата и сега ќе биде една од главните „рефрени“ на претстојните избори.

А зошто до сега корупцијата не е намалена? Освен што пееја, работеа нешто? Тоа се прашањата на кои треба да одговорат политичарите, особено оние од власта.

Како тоа власта борбата со корупцијата се поврзува со преговорите и влезот во ЕУ? А што ако „датумот“ уште многу долго го чекаме од Брисел, што нема да е изненадување?

Затоа, намателе со „рефренот“, почнете со работа или барем сменете ја песната. Оваа за корупцијата ја знаеме и ни здосади.

 

Претходна вестФлорида ќе им забрани на децата под 14 години да користат социјални мрежи
Следна вестГрад Скопје набави нови реквизити за игрите за слепи и слабовидни лица Goalball и Showdown