Кој ја зборува вистината, а кој манипулира, влевајќи лажна надеж? Ова е прашањето што граѓаните си го поставуваат после двете последнователни изјави на високи функционери во владата на тема датум за почеток на преговори на 14 декември. Едниот, вицепремиерот Артан Груби вели оти Македонија ќе добие датум за првата меѓувладина конференција со што и официјално би почнале преговори за членство во ЕУ.
-Се надевам дека ќе постигнеме нешто такво со поддршка на сите лидери на Европската Унија по теркот на решението што го добивме во 2008 година во Букурешт за НАТО, кога добивме покана за членство во НАТО и, како што знаете, тоа се реши на амбасадорско ниво, истакна Груби.
Вториот, уште еден вицепремиер, Никола Димитров, со спротивна реторика од Груби, не верува во датум за 11 дена:
– За да не се разочараме, подобро да не очекуваме добар исход, но мора да продолжиме да работиме, вели Димитров.
Додека се лицитира со датуми за ЕУ, граѓаните не знаат како ќе ја поминат зимата. Покачените цени не само на струјата (која допрва ќе биде и повисока) туку на се можно, во комбинација со ковид кризата која не стивнува и ја уништи економијата, се приоритети – за кои, за жал, истите овие високи функционери немаат стратегија. Па затоа кому му е гајле за почеток на преговори со ЕУ при празен стомак и џебови?
Очигледно гајле им е само на оние кои живеат од ширење на приказната дека во ЕУ не чека рајот. Но мнозинството не се такви, живеат во реалноста и чекаат избори за да и пратат порака на лажните ветувачи.