Со препливување на Охридско езеро сакам да сум пример за сите, никогаш да не се откажуваат

Според мене клучот до успехот е упорното вежбање. За да успееш во животот, талентот има влијание само во мал дел, вели Марко

Пред три години цела македонска јавност слушна за неговиот подвиг. Тогаш како 12 годишно дете влезе во водите на Охридското езеро кај Свети Наум и почна да плива кон Охрид. По цели 8 часа и 45 минути непрекинато пливање стаса во охридското пристаниште и го воодушеви сте граѓани. Таков подвиг, кој Марко Пејчиноски од Охрид го направи во чест на празникот посветен на Пресвета Богородица не се постигнува често. А успехот беше дотолку поголем што Марко има некроза на еден дел на коската на ногата како резултат на пореметување на крвотокот во тој дел. Тоа доведува и до проблеми со моториката при што тој во пливањето повеќе ги користи рацете отколку нозете.

Годинава, во септември Марко пак го повтори подвигот, повторно препливувајќи долги и напорни триесетина километри колку што е долга оваа патека. Пливањето сега му беше посветено на денот на Децата со ретки болести и на православниот христијански празник посветен на Свети Наум Охридски чиј култ е посебно почитуван во неговиот град.
И сето ова е постигнато, како што ни вели Марко, откако со пливањето почнал да се занимава на 11 годишна возраст.

Ретката болест – „пертхес“, која ја имам на левиот колк, беше причина, пливањето, водата и езерото да станат моето второ јас. Го одбрав пливањето бидејки тоа е единствениот спорт во кој не ја напрегам ногата, ни кажува Марко.

Ни вели дека кога се подготвува за остварување на некоја негова спортска цел, а тоа е постојано, скоро секој ден е во вода. Само ден, најмногу два, во неделата, може да се случи да не плива. Во текот на подготовките, час до два се доволни, но се случува да пливам и по три четири часа на ден.

Сакам да сум пример за сите, сите да знаат дека секогаш има светло на крајот на тунелот и никогаш да не се откажуваат. Секој треба да знае дека болката е привремена и краткотрајна, каењето е засекогаш. Сакам заедно со мене сите да доживееме моменти на среќа и радост, моменти за паметење. И сите да го оствариме својот сон, порачува Марко.

Тој им порачува на младите дека ако сакаат да имаат убаво тело, пливањето им е најдобар избор бидејќи овој спорт овозможува правилен и целосен физички развој на телото. Ова е особено важно во сегашно време на компјутери, телефони и физичка неактивност.

Според мене клучот до успехот е упорното вежбање. За да успееш во животот, талентот има влијание само во мал дел. Упорноста и дисциплината се клучни, а за да ги имаш нив најважен е вистинскиот мотив и инспирација, вели Марко.

Овој пливачки талент искрено ни кажува и тоа дека пливањето на долги патеки, на отворени води е осамен спорт.

Ќе ве излажам ако речам дека не е напорно и досадно. Со упорно тренирање, криза не може да те фати. Кризата, исто како и сомнежот, ги нема ако си сигурен во себе, во своите можности и во желбата да ја оствариш целта која ја имаш, потенцира Марко.

Лична сатисфакција и инспирација за другите

Младиот Марко сега нема конкретни планови за идни потфати но тие ќе следат во иднина.

Во моментов немам некои посебни планови поврзани со пливањето. Но што и да се моите следни пливачки потфати ќе бидат задоволување и остварување на моја лична сатисфакција и спортска цел, а сите да можат да најдат дополнителен мотив и инспирација за себеси, вели тој.

Претходна вестЛични кapти ќe ce издaвaaт и викeндoв
Следна вестПоради работа на пат пренасочен сообраќајот кај клучката Градско