Со салмонела досега заразени 12 ученици во Карпош, затворени шест училишни кујни

Вкупно 12 ученици досега се заразени со салмонела, а времено се затворени шест училишни кујни во Карпош, соопшти денеска Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ). Тој изврши вонреден инспекциски надзор по кој се затворени училишните кујни на училиштата „Војдан Чернодрински“, „Јан Амос Коменски“, „Братство“ и „Христијан Тодоровски – Карпош“, како и централниот магацин од каде се дистрибуираат прехранбените продукти.

– Заклучно со вчера, според добиениот податок од ЈЗУ Центар за јавно здравје – Скопје пријавени се вкупно 12 ученици со симтоми – стомачни тегоби и покачена телесна температура со докажан причинител – бактерија салмонела. Од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, со решение, времено се затворени кујните во сите шест посетени основни училишта, како централниот магацин од каде се дистрибуираат прехранбените продукти, се наведува во соопштението.

Забраната за работа на училишните кујни, како што се додава, ќе важи до отстранување на наложените санитарно – хигиенски и противепидемиски мерки.

– Постапувањето по добиените резултати од земените примероци храна, е во надлежност на Агенцијата за храна и ветеринарство. Државниот санитарен и здравствен инспекторат е во постојана комуникација со ЈЗУ Центар за јавно здравје – Скопје, кој ја следи епидемиолошката состојба на терен, се појаснува во соопштението.

Претходниот ден, од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат спроведен е вонреден инспекциски надзор во објект – централен магацин со кој стопанисува ДПТУ „Ванила фуд“ – ДООЕЛ Скопје, од каде се снабдуваат со прехранбени продукти, кујните во училиштата на територија на општина Карпош, како и во кујните на училиштата „Димо Хаџи Димов“ и „Владо Тасевски“. Тоа, по добиена дојава од ЈЗУ Центар за јавно здравје Скопје – одделение за епидемиолгија, за појава на заболување кај седум деца од различни училишта во општина Карпош со дијагноза салмонела.

Фото: Архива

Претходна вестМоже ли Македонија да развива наука ако не вложува во неа?
Следна вестВо недела центарот на Скопје затворен за сообраќај