Граѓаните на Македононија донираа околу 10 милиони денари во Црвениот Крст за настраданите од разорниот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија. За ова информираше генералниот секретар на Црвениот Крст, Саит Саити на денешната заедничка прес-конференција на која присуствуваше и турскиот амбасадор во Скопје, Хасан Мехмет Секизкок.
Освен парични средства, од стоковите резерви на Црвениот Крст се издвоени 1.000 семејни пакети со храна, 1.500 хигиенски пакети и 4.000 ќебиња.
– Во текот на вчерашниот ден обезбедивме 10 милиони денари финансиски средства кои се прилози на нашите граѓани, дел од повиците на нашиот број 143 400, и тоа околу 3 милиони и 300 илјади денари, што е апсолутен рекорд досега од сите активности што ги правиме во овој правец, како и уплати од граѓани и од компании во висина од 6,5 милиони денари, информираше Саити.
Тој додаде дека истото темпо на донации продолжува и денеска и изрази оптимизам дека „како народ, како нација, како држава уште еднаш ќе покажеме дека сме солидарни, дека го разбираме другиот кога е во неволја и мака и дека со сета сила, сето тоа што е хуманитарно во нас ќе го изнесеме и ќе го ставиме во функција и помош на тие луѓе“.
– Дополнително обезбедивме првична материјална хуманитарна помош од нашите резерви и тоа се состои во илјада пакети со храна, 1.500 пакети со хигиена и околу четири илјади ќебиња. Сето тоа ќе биде испратено во Република Турција во соработка со турската Црвена полумесечина на почетокот на следната недела, рече секретарот на Црвен Крст.
Во однос на постигнување на максимален ефект за помошта што се дава, Саити спомна дека хуманитарната помош што волонтерски се собира по пунктовите е невозможно да се испрати поради одредени царински ограничувања. Поврзано со тоа, тој апелираше, до сите иницијативи за собирање помош да бидат пренасочени во донации на парични средства.
Во однос на тоа дали Црвениот крст ќе испрати помош и за Сирија, Саити рече дека неслучајно на официјалниот повик за донации е наведено дека е и за Турција и за Сирија, но призна дека има проблеми со испораката на помошта во деловите коишто не се контролирани од официјалните власти. Сепак, според Саити, ќе се направи се помош да стигне и до тие подрачја.